Husamedin Gina
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Во Куршумли ан во Скопската чаршија вечерва започна 14-тото издание на културната манифестација „Звуците на чаршијата“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето на манифестацијата концерт одржаа групите, „Кода бенд“ од Скопје, „Шпенд Љатифи & Band“ и пејачката Туна.
Традиционалната манифестација има за цел да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
Манифестацијата исто така придонесува кон континуираните активности на Град Скопје и Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Годинава ќе има ликовни колонии, театарски претстави, филмови, стенд ап комедија, литература, концерти од различен жанр на музика: народна, џез, рок, опера, забавна.
Во вторник, од 16 часот манифестацијата продолжува со настанот „Чаршиските улици“ во чии рамки концерт ќе одржат Сарана Адеми на флејта и Верица Шотаровска на пијано. Во 17 часот пред Џамијата на Мурат Паша предвиден е настап на Адил Алуш и „Јени Јол оркестар“. Во 19 часот на плоштадот „Скендербег“ ќе биде одиграна театарската претстава „Не плаќам“, а од 20 часот на плоштадот „Филип Втори“ ќе се одржи концерт под наслов „Есенски звуци, бојата на ѕвукот“.
Во 22:30 часот на Скопското кале ќе бидат проектирани два краткометражни филма: „Земја“ во режија на Ибер Деари и „Балкон“ на Линдита Зеќирај.
На третиот фестивалски ден, на 16 септември, од 16 часот пред џамија Мурат Паша ќе се изведува чалгиска музика, а од 17 часот на Скопското кале ќе се одржи арт-колонија. На истата локација од 17:30 часот ќе настапи гудачкиот квартет „Стрип 4м“. Вечерта од 18 часот настапува џез квартетот „Вив арт“, а во 21:30 часот стенд-ап комедија ќе има Артан Ибиши.
Последниот ден од манифестацијата – 17 септември е резервиран за настап на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ (16 часот), театарската претстава „Другарство во време на мерки“ (18 часот, на плоштадот „Скендербег“) и претставата „Приказна за Моцарт“ на Здружението „Детски свет“ (18:30 часот). Вечерта од 20 часот во Сули ан настап ќе имаат трите тенори: Исмет Вејсели, Мустафа Имери и Влатко Груевски. Гостин на концертот е тенорот Шинаси Рамадан, во пијано придружба на Андреј Наунов.
Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна.
КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.