ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк е одбележана 55-годишнината од смртта на Малколм Литл, попознат како Малколм Икс, борец за човекови права на Афроамериканците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Годишнината од смртта е одбележана со настани на неговиот гроб и во салата во која е убиен. Во центарот „Шомбург“ во Харлем, каде што се бореше за правда и слобода, изложени се спомени на муслиманскиот активист.
На годишнината од смртта на Малколм Икс, почитувачите на неговиот лик и дело го посетија неговиот гроб на гробиштата „Ферниклиф“, северно од Њујорк. Луѓето од разни држави положија цвеќе на гробот и учеа делови од Куранот, светата книга на муслиманите.
Меѓу присутните беше и Аскија Хусаин, кој секоја година доаѓа од Мериленд.
„Како муслимански лидер, Малколм се бореше за хуманитарни вредности кои ги претставува исламот. Како темномурен водач, беше многу добар претставник за нас во тоа како да се спротивставиме на расистичкиот систем во Америка“, изјави Хусаин.
Потсо Бинден од Омаха, каде што е роден Малколм Икс, смета дека е многу направено во државата, кога е во прашање борбата за еднаквост, но „дека сѐ уште не се таму каде што би требало да бидат“.
Во културниот центар „Шомбург“ во Харлем локалното население ги претстави споменните на темномурниот лидер. Директорката на центарот, Новела Форд, изјави дека изложиле писма на Малколм, соопштенија за јавноста и фотографии од неговиот живот.
„Малколм одржа барем по еден говор во секој агол од овие улици. Многумина од тие луѓе имаат сеќавања на него. Можно е дека дел од нив можат да се пронајдат тука. Се откриваат нови информации за него. Се снимаат тв-серии и документарни филмови“, појасни Форд.
Малколм Икс е роден во сојузната американска држава Небраска на 19 мај 1925 година. Во раното детство, неговиот татко бил убиен од бели расисти затоа што бил член на Здружението за подобрување на животот на Афроамериканците. Неговата смрт е претставена како несреќен случај, иако главата му била одвоена од телото. Неговиот татко тврдел дека црномурните никогаш нема да бидат слободни во Америка и дека мора да се вратат во родната Африка. Две години пред убиството расистите ја запалиле неговата куќа, но никој не настрадал.
Мајката на Малколм се разболела по смртта на нејзиниот сопруг и не можела да стори многу за својот син, па за него се грижеле постариот брат и сестра. Малколм започнал живот на ситен криминалец. На 12-годишна возраст станал штитеник на Домот за незгрижени деца во Мичиген.
Кога наполнил 17 години бил пуштен од Домот. Потоа се вработил во патнички воз, како мијач на садови. Кога заработил доволно пари, се преселил во Њујорк кај свои роднини. Набрзо станал еден од најопасните насилници на улиците низ Харлем. Веќе во 1941 година е уапсен и осуден на 10 години затвор за кражба. Со кражба се занимавал за да обезбеди пари за дрога.
Во затворот го продолжил прекинатото образование и поголемиот дел од времето го поминувал во библиотека. Позната е неговата изјава дека затворите, по универзитетот, се најдобрите места за дообразување и повторно воспитување на луѓето.
Во 1952 година е пуштен од затвор, а по одреден период му се приклучува на движењето „Нација на исламот“ (Nation of Islam).
Кратко по станувањето член на „Нацијата на исламот“ го менува своето презиме во X (Икс). Тоа го сторил во чест на неговите непознати африкански предци, кои биле донесени во Америка како робови.
Со харизмата и елоквенцијата се наметнал брзо како прв глас на борбата против расизмот и ропството, а „Нацијата на исламот“ за десет години го зголеми бројот на членови од 500 на 30.000.
Меѓутоа, со истакнувањето во јавност Малколм го навлекол на себе гневот на тогашната американска администрација и тајните служби.
Потоа отпатувал на аџилак, во Мека, Саудиска Арабија. По враќањето во САД, ја отфрла претходната идеја дека сите бели луѓе се демони, и формира своја организација наречена „Организација за афроамериканско единство“. По основањето на организацијата, Малколм Икс го менува своето име во Ел Хаџ Малик ел Шабаз.
Сè почесто добивал закани дека ќе биде убиен, а на 15 февруари 1965 година е нападната неговата куќа во која живеел со сопругата Бети и четирите ќерки.
Шест дена подоцна, на 21 февруари 1965 година, Малколм е убиен за време на говорот во Њујорк во кој го критикуваше Елајџа Мухамед (лидерот на движењето „Нација на исламот“). Малколм го убија тројца мажи за кои се заклучило дека се членови на движењето „Нација на исламот“. Сите тројца се осудени и затворени.
Некои извори тврдат дека зад неговото убиство стои и Федералното истражно биро (ФБИ), кое внимателно го следеше Малколм. Погребот е одржан на 27 февруари таа година.
Малколм Икс остана запомнат како лидер меѓу муслиманите во САД во тоа време, како борец за човекови права и еден од највлијателните Афроамериканци. Беше најголем критичар на „белата“ Америка и нејзините злодела направени врз црните Американци.
Ликот и делото на Малколм Икс претставуваат симбол на борбата против расизмот, расната дискриминација, како и симбол на промовирање на толеранцијата на исламот и соживотот.