Admir Fazlagic
28 Август 2017•Ажурирај: 28 Август 2017
СТРУГА (АА) - Во присуство на голем број љубители на поезијата, со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на годинашните награди, вечерва заврши 56. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата" (СВП), јавува Anadolu Agency (AA).
Добитникот на годинашната награда „Златниот венец“ е американскиот поет Чарлс Симиќ, кому наградата му ја врачи претседателката на Управниот одбор на СВП Елизабета Шелева.
Наградата „Браќа Миладиновци“ на македонскиот поет Михаил Ренџов за неговата книга „Јас. Елегии“ му ја врачи Кристина Николовска, претставник на жири комисијата која одлучуваше за најдобрите поетски збирки.
Наградата „Мостови на Струга“ што се доделува заедно со УНЕСКО, на хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ му ја врачи директорот на манифестацијата Мите Стефоски.
Церемонијата на свеченото затворање на фестивалот продолжи со традиционалното поетско читање „Мостови“ на кое настапија триесетина поети од различни земји од светот.
Исто така, на поетот Јосип Коцев вечерва му беше врачена наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор од Македонија прочитана на фестивалот.
Во текот на шесте фестивалски дена во програмата имаше речиси педесет настани, поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, сипозиуми, дебати, музички и други случувања.
Годинашното издание почна на 23 август, со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ на кое прв своја песна рецитираше добитникот на „Златен венец“ Чарлс Симиќ. Фестивалот официјално го отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
На СВП учествуваа триесетина поети од Македонија и странство.
Фестивалот денеска се сели во Скопје каде, традиционално, ќе се одржи „Поетско матине" на Матка, а вечерта ќе има и „Меѓународен поетски митинг" на плоштадот „Македонија“ во централното градско подрачје.
Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата" во 2011 година од претседателот Иванов беше одликувана со „Орден за заслуги" за Република Македонија.