Furkan Abdula
28 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на 56. издание на Струшките вечери на поезијата, вечерва на плоштадот Македонија во Скопје се одржа Меѓународниот поетски митинг каде околу дваесетина поети од различни земји во светот читаа поезија на различни јазици, јавува Anadolu Agency (AA).
Покрај поетите кои ја читаа својата поезија, на настанот присуствуваа и бројни љубители на пишаниот збор.
Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, во изјава за медиумите истакна дека вечерва со поетскиот митинг го завршуваат 56. издание на Струшките вечери на поезијата. Тој нагласи дека оваа година реализирале успешно издание, и, според него, ова издание е најуспешното во последните неколку години.
„Имавме повеќе од 40 настани. Се разбира понудивме во содржинска смисла многу интересни и провокативни имиња. Ние исто така понудивме и поети кои се дел од меѓународната соработка на Струшките вечери и особено од најголемиот проект, европски проект во областа на литературата, проектот Версополис“, изјави Стефоски.
Тој рече дека продолжуваат со задржување на тоа реноме во однос на квалитетот кој го имаат Струшките вечери на поезијата презентирајќи ги најактуелните поетски имиња во светот и одржувајќи ја својата улога да биде промоторот на она што претставува најзначајно и најголем дострел во современиот поетски миг.
Од друга страна, поетесата Нурдуран Думан од Турција, која учествуваше на Струшките вечери на поезијата, истакна дека поезијата е моќен елемент која ги обединува луѓето.
„Затоа е значајно да се обединуваат луѓето од различни јазици, од различни култури, затоа ваквите фестивали се значајни. Се надевам дека вечерва повеќемина од нив дошле со нивните деца. Се надевам дека дошле и турските деца, бидејќи вечерва преку поезија ќе го слушаат нашиот убав турски јазик“, додаде таа.
Думан додаде дека Струшките вечери на поезијата се еден од најпрестижните фестивали на поезијата во светот и додаде дека се чувствува горда што вечерва е дел од овој собир.
Во присуство на голем број љубители на поезијата, со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на годинашните награди, синоќа се одржаа завршните активности на 56. издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.