Efsun Erbalaban Yılmaz
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
ИЗМИР (АА) - ЕФСУН ЕРБАЛАБАН ЈИЛМАЗ -
Изгледот на античкиот град Бергама од пред 2.300 години, што се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, е поставен на дигитална платформа и е достапен на интернет, пишува Агенција Анадолија (АА).
Германскиот Институт за археологија со дозвола на Министерството за култура и туризам на Турција, спроведе студии за античкиот град Бергама и на дигитална платформа мапираше (картографираше) површина од 12,5 квадратни километри.
Откритијата и тумулите (могили), што во последните 30 години се најдени во регионот, поставени се на карта за интерактивна употреба, со достапни информации за сите археолошки објекти.
Мапите на веб-страницата на Институтот се објавени на турски, германски и англиски јазик.

На картите дадени се повеќе детали, како што се „Црвен двор“, „Западна бања“, „Асклепион“, „Палата“, „Кула“, „Камен на љубопитност“, „Мост“, „Термална бања“, „Објект со 12 соби“, „Гробишта Мусала“.
Директорот на германскиот Институт за археологија, проф. д-р Феликс Пирсон, за АА изјави дека новите студии служат како географски информациски систем.
Посочувајќи дека има недостатоци во податоците за регионот што потекнуваат од 70-тите години на минатиот век, како што се тумулите, проф. Пирсон истакна дека треба да ги ажурираат картите што го опишуваат 3 век пр. н. е.
Тој рече дека со дозвола од Министерството за култура и туризам на Турција, во рамките на истражувањето соработуваат со музејот „Бергама“ и Општината Бергама, и дека архитекти, инженери, археолози и информатичари работат на дигиталните мапи.
Нагласувајќи дека дигиталната работа нуди нова основа, Пирсон рече:
„На картата е можно да се видат многу антички места. Можат да бидат интегрирани и нови информации. Ние ги додадовме и откритијата од последните 30 години. Археолозите и туристите гледаат само на Акропол. Но Бергама не се состои само од Акрополот, тој е град. Градот бил изграден на рид во елинистичкиот период, но достигнал многу пошироки граници во времето на владеењето на Рим.

Во минатото немало истражувања на оваа тема, бидејќи овие делови прецизно не биле прикажани на старата карта. И новата карта е изненадувачка за мене. Таа содржи многу информации и конекции. Ни дава многу попрецизни информации. На дигиталната карта го претпочитаме системот со отворени податоци. Со целиот свет ги споделивме античките карактеристики на Бергама. Посакуваме овие информации да допрат до што поголем број луѓе.“
- Продолжуваат истражувањата ориентирани кон економијата и екологијата -
Проф. д-р Пирсон изјави дека продолжуваат да работат на додавање нови податоци на картите.
Зборувајќи дека ги продлабочуваат своите истражувања околу тумулот и Асклепион, испитувајќи ја целата долина Бакирчај, проф. Пирсон изјави: „Сакаме подобро да ги објасниме врските на градот и неговата околина. Од каде потекнуваат камењата и металот што се користени? Кои ресурси биле користени? Спроведуваме истражување ориентирано кон економијата и екологијата. Дигиталните карти се од голема важност за да бидат прикажани резултатите од овие студии.“
Интерактивните дигитални карти може да се најдат на веб-страницата на германскиот Археолошки институт.