Историското рибарско село во Дакар повторно оживува со мурали
- Заедницата Лебу, која главно живее од рибарство, претставува еден од најзначајните елементи на културното наследство на Сенегал, благодарение на своите уникатни традиции, верски ритуали, начинот на живот
Fatma Esma Arslan Özdel
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
photo: Cem Özdel / AA
ДАКАР
Активистот Муса Мбенге, кој живее во историското рибарско село Нгор во главниот град на Сенегал, Дакар, преку уметничките и еколошките проекти што ги предводи има за цел да ја зачува културата на народот Лебу, да го заштити историскиот идентитет на селото и да го пренесе на идните генерации, пишува Анадолу.
Нгор, кој во 2021 година од глобалниот водич за урбан живот „Тајм аут“ беше вброен меѓу „10-те најкул населби во светот“, го привлекува вниманието на посетителите со своите тесни улички, крајбрежните ресторани и муралите што го отсликуваат културното наследство на селото.
Мбенге, кој живее во Нгор, преку Здружението „Да го разубавиме Нгор“ (Rafetal Ngor), кое самиот го основал, реализира еколошки проекти, организира акции за чистење и пошумување заедно со жителите, и со домашните и странски уметници изработува мурали што ја прикажуваат историјата на селото и културата на рибарската етничка заедница Лебу.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Во изјава за АА, Мбенге рече дека идејата за проектот се родила кога забележал дека иако островот Нгор, кој се наоѓа спроти селото, привлекува внимание со своите шарени градби, куќите во самото село биле во многу лоша состојба.
Тој истакна дека, со согласност на семејствата, започнале да ги бојадисуваат старите куќи во селото, чие потекло датира од 15 век.
Посочувајќи дека Нгор со векови е рибарско село во кое живее заедницата Лебу, Мбенге нагласи дека нивната цел не е само да ги разубават куќите, туку и да го направат повидливо културното наследство на селото.
Фотографија : Cem Özdel/AA
„Секој мурал го отсликува животот во Нгор и културата на Лебу. На уметниците што доаѓаат најпрво им ја претставуваме културата на Нгор. Секое дело што го создаваме ги одразува вредностите на ова село и на заедницата Лебу. На пример, ликот на жена што носи риба ги претставува жените кои на пазарот ја продаваат рибата што ја ловат мажите на море. Сакаме со културата на Лебу, која доминира во ова село, да запознаеме што поголем број луѓе“, рече Мбенге.
Тој додаде дека досега низ селото се изработени 62 мурали и целосно се обоени 42 куќи, нагласувајќи дека проектот, кој првично бил ограничен на крајбрежниот дел, по барање на жителите се проширил и во другите делови на селото.
Посочувајќи дека секое маало е обоено во свои препознатливи бои, Мбенге рече: „Сакаме Нгор да го претвориме во шарено и позелено село. Ова е само почеток.“
Лебу, една од најстарите заедници што живеат на брегот на Сенегал, се познати како основачи на историските населби Дакар, Јоф, Уакам, Нгор и Ан.
Заедницата Лебу, која главно живее од рибарство, претставува еден од најзначајните елементи на културното наследство на Сенегал благодарение на своите уникатни традиции, верски ритуали, начинот на живот тесно поврзан со морето и културата на солидарност.
Историското рибарско село во Дакар повторно оживува со мурали