Ahmet Gürhan Kartal
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Новата книга на познатиот англиски писател Џ Р. Р. Толкин, авторот на „Господарот на прстените“, денес е пуштена во продажба, 100 години откако е замислена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Книгата „Берен и Лутиен“ е опишана како многу лична приказна, којашто професор по англиска книжевност на Универзитетот во Оксфорд ја осмисли откако се вратил од битката за Сома во 1916 година.
Делото го уредил неговиот син Кристофер Толкин (92), а станува збор за љубовна приказна за еден човек по име Берен и вдовицата Лутиен, кои се појавуваат во збирката приказни на Толкин „Силмалирион“.
Во книгата се дадени и илустрациите на Алан Леј, англиски илустратор награден со Оскар, јавува „BBC“ (Би-би-си).
Критичарите сметаат дека „Берен и Лутиен“ би можело да биде последната книга на којашто работел Кристофер Толкин, чиј татко почина во 1973 година.
„Толкин јасно стави до знаење дека ова би можело да биде последен пат да нѐ воведува во светот на неговиот татко“, изјави писателката Елиза Греам.
Џон Роналд Руел Толкин, англиски писател, поет, филолог и професор кој е најпознат како автор на делата „Хобитот“, „Господарот на прстените“ и „Силмалирион“. Неговото прво дело „Хобитот“ е фантастичен роман за деца, кој за првпат беше издаден во 1937 година, и е една од најпродаваните книги на сите времиња.
Трилогијата „Господарот на прстените“ се наоѓа на листата на 10 најпродавани книги, со 150 милиони продадени примероци.
Оваа трилогија е адаптирана во трите филма на Питер Џексон, кој ги сними студиото „New Line Cinema“ (Њу лајн синема) во периодот од 2001 до 2003 година, заработувајќи околу 2,9 милијарди долари во кината во целиот свет. Третиот дел од трилогијата „Враќањето на кралот“ стана еден од најуспешните филмови на сите времиња од критички и финансиски аспект. Ги освои сите 11 оскари за коишто беше номиниран.