Furkan Abdula
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – Институтот „Јунус Емре“ во Скопје денес организираше книжевен разговор со турскиот писател Мурат Ѓулсој, кој престојува во Македонија за да учествува на Меѓународниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, јавува Anadolu Agency (AA).
„ПРО-ЗА Балкан“ по петти пат се оддржува во Скопје, и е фестивал за елитна балканска проза. На овој фестивал, шестмина врвни балкански прозни писатели и еден специјален гостин лично ќе се претстават пред македонската публика.
Со поддршка и посредство на Институтот „Јунус Емре“ ‒ Турски културен центар Скопје, на Меѓународниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ ќе учествува и познатиот турски писател Мурат Ѓулсој. По тој повод, денес во просториите на Институтот „Јунус Емре“ се одржа книжевен разговор со овој писател.
Турскиот писател Мурат Ѓулсој пренесе дека неговата книга насловена „Недела на добрина во Истанбул“ е преведена на македонски јазик, и на овој фестивал учествува со оваа книга, како и со други дела.

„Се сретнавме со различни писатели и издавачи од различни земји на Балканот. Направивме размена на мислите со нив. Кога е во прашање литературата, имавме можност повнимателно да се запознаеме едни со други“, нагласи Ѓулсој, истакнувајќи дека за првпат се наоѓа во Македонија и дека ова е интересно искуство за него.
Од друга страна, директорот на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, Дејан Трајковски, истакна дека му е чест што секоја година веќе традиционално имаат можност да бидат домаќини на познатите турски писатели во Македонија.
„Се радувам што во соработка со турскиот културен центар 'Јунус Емре' имаме можност да ја продолжиме таа успешна соработка и да го донесеме најдоброто од турската литература на фестивалот 'Про-За Балкан'“, вели Трајковски.
Мухсин Куртиш, одговорен за прашањата за култура и уметност при Институтот „Јунус Емре“ информираше дека тие како Институт „Јунус Емре“, почнувајќи од 2010 година се обидуваат да ја промовираат Турција не само во областа на културата и уметноста, туку и во областа на литературата.
Инаку, фестивалот започна вчера (28 мај), а свеченото затворање ќе се реализира утре.