Admir Fazlagic
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Илузијата, како нешто што претставува изобличување на сетилата и лажно ја претставуваат реалноста, постојано е предмет на човековата фасцинација.
Токму таа човекова потреба и желба, да се најдете во место на кое човековата илузија станува реалност и каде што за момент се „бега“ од границите на реалноста, биле дел од мотивите во Скопје да биде отворен „Илузиум“ - Музеј на илузии.
Благица Илиќ, координатор за односи со јавност во Музејот на илузии во разговор за Anadolu Agency (AA) раскажа дека овој музеј во Скопје е отворен во јуни оваа година, на идеја на неколку ентузијасти кои по посетата на ваков сличен тип музеи низ Европа, дошле до идеја и главниот град во Македонија да добие нешто што го имаат и некои други европски градови.
Како што објаснува таа, во просек, дневно, Музејот го посетуваат над 100 посетители, а она што го истакнува како најважно за нив како домаќини, е задоволството на посетителите. Според неа, посетителите од Музејот излегуваат задоволни и насмеани, бидејќи Музејот на илузии нуди забава, несекојдневно доживување преку повеќе од дваесетина креативни содржини.

Во просториите на „Илузиум“ се организираат повеќе настани, меѓу кои училишни посети, групни посети, роденденски прослави, настани за млади брачни парови, фотосесии и други настани од забавен и едукативен карактер, со оглед на тоа дека просторот е неконвенционален и овозможува различни содржини.
Музејот е распослан на 500 метри квадратни. На приземје се наоѓа кафе-бар со сувенирница. Тука најчесто младите имаат можност да решаваат мисловни активности преку решавање на дрвени сложувалки, додека се чека влегување или по разгледувањето.
„Имаме најразлични содржини од двојното огледало каде што си креираате нови ликови - застанати еден наспроти друг, се создава еден нов лик. Потоа, илузионистичко апстрактно столче, каде што токму преку фотографија ја доживувате приказната, самиот ја создавате илузијата. Потоа имаме галериски простор со повеќе од педесетина фотографии, на кои се прикажани илузии, геометриски, халуциногени, когнитивни, да се пронајдат ликови, двојни ликови, тоа се сликите со двојни перцепции, собата со огледала во која влегувате сам, а се мултиплицирате неколкупати повеќе“, објаснува Илиќ.
На второто ниво од Музејот се собите со 3Д принтови, во кои има различни содржини.
„Потоа на второто ниво, ги имаме собите со 3Д принтови, каде ве ’гази‘ воз или се чувствувате дека сте качени на воз, потоа бесконечен тунел, собата Амис, во која во еден момент може да сте џуџе, во друг џин, тука обично родителите се помали од децата. Потоа обратните соби кои архитектонски се поставени во обратна позиција, подот се наоѓа на плафонот. Имаме и еден дел со мотивирачка видеопрезентација, каде што преку презентација на видеослајдови се откриваат загатливи нешта“, раскажува Илиќ, објаснувајќи ги содржините кои ги нуди Музејот на илузии.
- Посебноста на Музејот на илузии е неговата интерактивност
Она што го разликува овој музеј од останатите е неговата интерактивност, поради што е препорачливо во Музејот да доаѓање во друштво и со мобилен телефон или со фотоапарат.
Инаку, музеј на илузии има во неколку градови и држави во регионот, Европа и пошироко, меѓу кои во Белград, Загреб, Задар, Љубљана, Виена, Оман.