Çiğdem Alyanak
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ЧИГДЕМ АЛЈАНАК -
Делата на турскиот уметник Виктор Оџал, кој се занимава со изработка на уметнички накит и правење различни скулптури во скапоцен камен се неверојатни, пишува Anadolu Agency (AA).
Интерес за уметнички накит Оџал покажувал уште од рано детство. Како што истакна за АА, посебен интерес започнал да покажува во 1983 година кога патот го довел до познатата истанбулска „Капали чаршија“.
Иако на прв поглед може да се каже дека се занимава со производство на уметнички накит или како што во некои земји се нарекува авторски накит, Оџал истакнува дека „садекар“ е вистинско име за оној што се занимава со овој вид уметност.


„Она што го прави садекарот е всушност уметност на обработка благороден метал. Значи, садекарот работи на обработка на благороден метал во некој накит, тоа може да биде прстен, нараквица, обетки или нешто друго што луѓето не го носат со себе секогаш“, изјави Оџал.
Но, она што Оџал го прави посебен уметник е „техниката негатива во скулптура“. Станува збор за техника што ја смислил сам, а таа се однесува на правење различни скулптури во камења.

Оџал истакнува дека оваа техника доста наликува на онаа што е користена во римскиот период, којашто се однесува на стругање проѕирен камен. Разликата меѓу двете техники е во тоа што неговата, всушност, има две димензии. Оџал со помош на таа техника во каменот вметнува микротродимензионална скулптура.

„Оваа техника во прво време најчесто ја користев за скулптури на историски споменици во камен. Сепак, сакав тоа да го подигнам на едно повисоко ниво, а тогаш во каменот направив лик на Аристотел“, изјави Оџал.
Тој нагласи дека таа скулптура за него секогаш има посебно место.
„Она што е посебно значајно да се нагласи за оваа техника е во каменот да формирате тродимензионален простор, потоа да го обликувате и да сторите однадвор да изгледа како скулптура. Поради тоа го нареков техника негатива во скулптура. Она што тука всушност се прави е контра правење микроскулптури. Зема доста време, бара трпение. Кога сте нервозни не смеете да се приближувате на тоа“, наведува Оџал.

Во колекцијата на Оџал можат да се видат ликовите на Аристотел, Џелаледин Мевљана Руми, потоа ликот на првиот претседател на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, но исто така и голем број други ликови и историски споменици.