Rabia İclal Turan
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
АНКАРА
Нобеловата награда за литература во 2020 година ѝ е доделена на американската поетеса Луиз Глук, објави денеска Шведската академија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нобеловиот комитет ја пофали Глук за нејзиниот „непогрешлив поетски глас што со строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“.
Од Академијата се нагласува дека потрагата на Глук по универзалното, инспирирана од митови и класични мотиви, преовладува во поголемиот дел од нејзините дела.
„Делата на Глук се карактеризираат со стремеж кон јасност“, истакна Академијата за доделување награди. „Детството и семејниот живот, блискиот однос со родителите, браќата и сестрите, е тематика што останува клучна кај неа.“
Глук (77) е исто така и професорка по англиски јазик на американскиот Универзитет „Јеил“.
Таа објави дванаесет збирки поезија и неколку тома есеи за поезијата.
Беше наградена со Пулицеровата награда во 1993 година за нејзината поетска книга „Дивиот ирис“.
Минатата година Нобеловата награда за литература му беше доделена на австрискиот автор Питер Хандке, одлука што предизвика критики поради неговите блиски врски со поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ и неговото негирање на геноцидот врз Бошњаците.
Претходни добитници на наградата се писателите Ернест Хемингвеј (1954), Орхан Памук (2006), Боб Дилан (2016) и Казуо Ишигуро (2017).
Нобеловиот одбор досега додели награди за медицина, физика и хемија, додека Наградата за мир ќе биде доделена в петок.