Dildar Baykan
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - ДИЛДАР БАЈКАН - Челничката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи се оглуши на критиките и апелите од меѓународната заедница и продолжува пасивно и немо да го набљудува насилството над муслиманското малцинство во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Некогаш гласен борец за демократија и противник на сите облици на насилство во општеството, Чи во 1991 година доби Нобелова награда за мир, но 26 години подоцна ја разочара меѓународната јавност и се најде на удар на критиките поради прогонот на стотици илјади и илјадниците убиени Рохинџа муслимани во Мјанмар.
„Постојат заемни обвинувања. Мораме да ги сослушаме сите и пред да се преземе што било, мораме да бидеме сигурни дека имаме сигурни информации за тие обвиненија“ и: „Ние сме млада и кревка држава којашто се соочува со многу проблеми. Не можеме да се концентрираме само на некои проблеми“, се само некои од изјавите на шефицата на дипломатијата и де факто лидерка на Мјанмар, Чи, кои наидоа на остри реакции на меѓународната заедница.

Голем број политичари, уметници, писатели, нобеловци и борци за заштита на човековите права веќе упатија јавни апели до мјанмарската челничка Чи да се ангажира и да го запре насилството над Рохинџите во Аракан.
Започнати се и низа кампањи за одземање на наградите и признанијата што претходно ѝ биле доделени, во годините кога беше на страна на борбата против насилството. Некои од тие признанија веќе се повлечени.
Последната реакција дојде вчера, од ирскиот пејач и активист Боб Гелдоф, кој се откажа од наградата на Даблин за мир и порача дека не сака да дели ништо со мјанмарската лидерка Чи, која исто така е добитничка на тоа признание.
Гелдоф порача дека Чи го посрамотила Даблин, кој ѝ го доделил својот највисок орден, и порача дека е подотвен својот орден повторно да го прими доколку градските власти на Даблин ѝ го одземат признанието на мјанмарската челничка.
И популарната ирска музичка група „U2“ (Ју ту) во саботата, преку социјалните мрежи објави порака дека никогаш ниту помислувале дека Чи, за која со години воделе кампања за спасување од домашен притвор, може немо да го набљудува прогонот на повеќе од 600.000 лица од Мјанмар.
Минатиот месец, Градското собрание на британскиот град Оксфорд ѝ го одзеде Орденот за слобода што пред две децени ѝ беше доделен на мјанмарската челничка Чи, а малку пред тоа, нејзините портрети беа отстранети од ѕидовите во ходниците на Универзитетот во Оксфорд, каде што таа некогаш студираше.
Канаѓанецот Фарид Кан од Квебек започна кампања за собирање потписи за да ѝ се одземе почесното државјанство што Канада пред десет години ѝ го додели на Су Чи.
Досега, повеќе од 11.000 лица ја потпишаа таа петиција, а во текстот, Су Чи се обвинува дека како лидер на земјата е одговорна за насилството што мјанмарската војска и националистите го спроведуваат над муслиманското малцинство во Аракан.
Веќе се спроведени низа иницијативи и кампањи за одземање на Нобеловата награда од Су Чи, но Комитетот на фондацијата што го доделува тоа престижно признание тврди дека според статутот е невозможно ретроактивно да биде одземена наградата. Комитетот нагласува дека Нобеловата награда се доделува за дела што лауреатите ги имале до доделувањето на наградата, а не се однесуваат на нивните подоцнежни активности.
Лауреатите на Нобеловата награда Малала Јусуфзај и Дезмонд Туту исто така остро ја критикуваа Су Чи поради пасивниот однос кон злосторствата во Аракан.
„Беше симбол на искреност и чест. Ако твоето молчење за злосторствата е цена за највисокиот орден во мјанмарската политика, тоа е премногу и е неприфатливо“, порача Туту во отворено писмо упатено до челничката на Мјанмар.
Слично отворено писмо упати и Здружението на жени добитнички на Нобелова награда, а го потпишаа нобеловката Марид Кориган, Џоди Вилијамс, Ширин Абади, Лејма Гбоуи и Тевекул Карман.
„Колку уште аракански муслимани мора да умрат и колку Араканки мораат да бидат силувани за да се подигне гласот против тие злосторства. Твоето однесување не е во согласност со демократските начела за коишто се залагаше и поради кои те поддржувавме. Како борци за мир, твои сестри и нобеловки, те повикуваме колку што е можно поскоро да ги преземеш потребните мерки и да го спречиш насилството над невините цивили, а на загрозеното малцинство да му го дадеш правото на државјанство“, се наведува во пораката на нобеловките.
Араканските муслимани Рохинџа кои веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска уништи најмалку 300 муслимански села, од кои најмалку 603.000 жители беа принудени на бегство кон соседен Бангладеш.