ИСТАНБУЛ (АА) - Денес се објавени победниците на престижниот натпревар за фотографии İstanbul Photo Awards 2025, јавува Анадолу.
Натпреварот, кој веќе 11 години го организира Анадолу, награди 29 фотографи во 10 категории, со околу 22.000 поднесени фотографии од целиот свет.
Највисоката награда „Фотографија на годината“ му е доделена на палестинскиот фотограф Саид Џарас за неговата фотографија „Газа-Деир ал-Балах“.
Фотографијата доловува потресен момент во кој родители го гушкаат своето дете по израелски воздушен напад врз нивниот шатор во Деир ал-Балах, централен дел на Појасот Газа.
Од своето основање, İstanbul Photo Awards прерасна во глобална платформа што привлекува 20.000 регистрирани фотографи.
Годинашните победници беа избрани од угледно меѓународно жири, кое го сочинуваат фотографката и режисерка на Нешнал Џеографик, Ами Витале, фоторепортерката Керол Гузи, фоторепортерот Јури Козирев од агенцијата НООР, фоторепортерот на Д Глоуб и Меил, Горан Томашевиќ, медиумскиот консултант Мишел Ското, главниот спортски фоторепортер на Гети Имиџес, Камерон Спенсер и турските фоторепортери Ахмет Сел и Фират Јурдакул.
Во категоријата „Вести-приказна“ фотографот Омар ал-Ката од агенцијата Франс-прес (АФП) освои прво место за својата серија фотографии за израелските напади врз Газа.
Во категоријата „Единечни спортови“ победник е Жером Брује од АФП, кој го фотографираше бразилскиот сурфер Габриел Медина во момент на огромен бран на Олимписките игри во Париз 2024.

Во категоријата „Спортови-приказни“ наградата ја доби Хана Меккеј од Ројтерс за серијата фотографии посветена на американската гимнастичарка Симон Бајлс, која освои три златни медали и ја предводеше својата екипа до победа на Олимписките игри во Париз.
Во категоријата „Единечна фотографија за природата и животната средина“ победник е Антон Бринк од европската агенција Пресфото (EPA), со импресивна фотографија од вулканска ерупција во близина на Гриндавик, Исланд.

Во категоријата „Приказна-природа и животна средина“ наградата ја освои Луис Тато од АФП, кој долови разорни поплави во Источна Африка.
Во категоријата „Единечен портрет“ италијанскиот фотограф Мауро Де Бетио победи со портрет на жени во Авганистан.

Во категоријата „ Портрет-приказна“ наградата ја доби Самар Абу Елуф за серијата фотографии „Преживеани од војната во Газа“, создадена за Њујорк тајмс.
Во „Единечна фотографија за секојдневниот живот“ наградата, која годинава е именувана во чест на Марјон Мертенс, поранешен член на жирито што почина во декември 2024 година, ја доби Махмуд Заки Салем Иса за својата моќна фотографија за кризата со гладот во Палестина.

Во категоријата „Фотографија-приказна за секојдневниот живот“ победник е италијанската фотографка Валентина Синис со серијата фотографии за животните приказни на авганистанските жени.
Вкупно 58.000 долари им се доделени на добитниците на 30 награди, а победничките фотографии ќе се изложуваат на меѓународни изложби и ќе бидат вклучени во годишниот албум на İstanbul Photo Awards.
Натпреварот е поддржан од Турксел како комуникациски спонзор, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) како спонзор за меѓународни настани и „Туркиш ерлајнс“ како официјален авиоспонзор.
İstanbul Photo Awards 2025, кој од основањето привлече над 20.000 учесници, ги слави извонредните достигнувања во фоторепортерството и придонесува во развојот на ова поле преку изложби и фотоалбуми со наградените дела.
Организиран од Анадолу, İstanbul Photo Awards се етаблира како престижна платформа за фоторепортерите низ светот, нагласувајќи ја моќта на визуелното раскажување во документирањето на глобалните настани.
news_share_descriptionsubscription_contact
