Dilara İrem Sancar
24 Август 2025•Ажурирај: 31 Август 2025
АРТВИН (АА) - ДИЛАРА ИРЕМ САНЏАР -
Традицијата „беробана“, која се практикува речиси 150 години во повеќе села на подрачјето на Шавшат во Артвин, Турција, се смета за симбол на единството и колективното сеќавање преку сатирични изведби, пишува Анадолу.
Старата традиција во селата на Артвин сега се практикува во јули или август поради поголемиот број население во летните месеци, а порано тоа била зимска традиција.
Во рамките на ритуалот „беробана“, инаку збор изведен од грузиските зборови „бери“ (старец) и „бана“ (жена), мажот се облекува во женска селска облека.

Други мажи, познати како „бери“, носат конусни капи направени од козјo и овчо крзно, наречени „кабалак“, а користат стапови за да го заштитат маскираниот маж (бана) од киднапирање.
Актерите се подготвуваат во куќата на платото и излегуваат меѓу жителите што чекаат надвор со хармоники. Некое време танцуваат на музиката, а потоа почнуваат да одат од куќа до куќа.
Тие бараат кајмак, пченкарно брашно и сол од куќите што ги посетуваат, а со играта ги плашат сопствениците што одбиваат да им го дадат тоа.

Откако ќе ги земат работите што ги бараат, актерите се враќаат на фестивалскиот простор и заедно со селаните играат традиционални игри. Во текот на играта селаните се обидуваат да го киднапираат тој што е „бана“. Потоа „бери“ ја штитат жената со стапови. На крајот, по повеќе обиди за киднапирање, „бана“ бега со тој што сам го избира. Проблемот се решава кога ќе се вклучат свирачите, а потоа цело село учествува во веселбата.
Прославите организирани како дел од традицијата „беробана“ траат два дена.
- „'Беробана' значи единство и соживот“ -
Селма Ѓумуш, жителка на селото Ескикале во округот Шавшат во Артвин, за Агенција Анадолу говореше за традицијата „беробана“.

Нагласувајќи дека традицијата ја научила од постарите, Ѓумуш рече: „Како помлада генерација, сакам да ги одржувам живи моите традиции, исто како што тие ги чувале. Сакам да ѝ ги пренесам на мојата генерација. Сакам и тие да ги пренесуваат понатаму бидејќи верувам дека расте вредноста на традициите и обичаите.“
Ѓумуш рече дека сами ги шијат традиционалните носии што ги носат на овој настан. „Почнавме да ги носиме пред две или три години. Мајка ми ги шиеше, ги носеше и ние ги носевме. Луѓето добиваат храброст гледајќи ги“, рече таа.
Екрем Санџар, друг селанец, истакна дека традицијата „беробана“ ја наследиле од предците. „'Беробана' значи единство, соживот и здружување на жителите“, рече тој.
Санџар раскажа дека во минатото, теренските работници ја изведувале оваа традиција за да имаат неколкудневна забава: „Во тоа време нашите дедовци, чичковци и постари браќа го правеа ова. Учевме од нив. Сакаме да ја продолжиме оваа традиција.“