Jeyhun Aliyev
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ
Мајстор за инструменти во турската метропола Истанбул обнови речиси 800 музички инструменти, кои по речиси три децении, за малку би заминале во заборав, јавува Агенција Анадолија (АА).
Феридун Обул, кој има завршено само основно училиште, за АА изјави дека се откажал од поправањето покриви, откако бил импресиониран од музиката кога присуствувал на концерт пред 34 години.
Оттогаш Обул се занимава со изработка на инструменти и денес тој автентично произведува музички инструменти, кои би потонале во заборав.
Иако неговата работилница од 25 метри квадратни во старата гостилница во отомански стил во истанбулската област Султанахмед, која исто така е место каде што се дочекуваат голем број издавачи на книги, на прв поглед наликува на работилница за столарија, всушност претставува место каде што се произведуваат музички инструменти за светскиот музички пазар.
Реномираниот мајстор за музички инструменти веќе 27 години рачно изработува инструменти на различни нации од четири континенти низ светот.
Мајсторот, кој најпрво започнал да изработува инструменти слични на оние што биле оставени од бендот во концертната сала каде што тој присуствувал, откако го совладал тоа занает, започнал да обновува и изработува заборавени инструменти на турската и на шаманската музичка традиција, кои биле стари илјадници години.
Користејќи слики, стари книги, карпести слики и минијатури за изработка на инструменти и истражувајќи ја климата, вегетацијата, географијата и традицијата на луѓето кои живеат во одреден регион, Обул го дизајнира музичкиот инструмент што планира да го изработи откако ќе стекне доволно знаење.
Мајсторот за инструменти вели дека сите материјали се целосно обезбедени од природни продукти.
Обул изјави дека во процесот на изработка на инструменти користи дрвја како што се смрека, чинар, абонос и орев, како и неколку природни материјали, како што се коњска опашка, кожа од сом, срцева мембрана од бивол и рог, за да ја погоди автентичната форма на инструментот.
Музичките инструменти што се изработени од Обул се изложени во неколку музеи низ Турција, како и во музеите во Унгарија, Италија, Велика Британија, Германија, Австрија, Азербејџан и САД.
Нагласувајќи дека не се ограничува себеси во изработувањето на инструмент од одреден регион, Обул изјави: „Инструментите што ги правиме варираат од Централна Азија па сè до Латинска Америка.“
„Изработуваме инструменти од речиси сите земји“, додаде тој.
Турскиот мајстор за инструменти рече дека ги знае основите на свирењето, доволно за нагодување на секој музички инструмент што го изработува, додавајќи дека ги сака сите инструменти што ги изработува и дека ги гледа сите како „свои деца“.