Ekipa
15 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
РИМ (АА) - Украина триумфираше на 66-тото издание на изборот за песна на Евровизија, што се одржа во Италија, победувајќи на натпреварот по трет пат во својата историја, додека Велика Британија и Шпанија завршија на второто, односно на третото место, јавува Агенција Анадолија (АА).
Понесена од бранот поддршка од европската јавност, што гласаше преку телефон, песната „Стефанија“ во изведба на оркестарот Калуш победи на натпреварот на кој се соочи со силна конкуренција од Велика Британија, Шпанија и Шведска.
„Ве молам помогнете ѝ на Украина, Мариупол. Помогнете му на Азовстал веднаш, сега“, извика пејачот Олех Псиук од сцената по настапот на бендот.
Во видеото објавено пред долгоочекуваниот настан, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека верува оти оркестарот Калуш може да победи, повикувајќи ја Европа да ја поддржи украинската песна на Евровизија.
Украина веќе има победено на Евровизија во 2004 година со „Диви танци“ на Руслана, а во 2016 година со песната „1944“ на Џамала, со што стана првата источноевропска земја што двапати победила на овој натпревар.
Украина беше еден од фаворитите уште од почетокот на овогодинешното издание, поради ситуацијата во земјата откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари.
Ден по инвазијата, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која ги поседува правата за Евровизија, објави дека на Русија ќе биде забрането учеството.
Победничката песна, во која се испреплетени рап-музиката со елементи на украинската народна музика, првично е напишана во чест на мајката на фронтменот на бендот, а потоа беше посветена и на сите мајки во Украина. Делови од текстот говорат за конфликтот што ја разорува земјата.