Husamedin Gina
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – Рок-групата „Дип парпл“ (Deep Purple) ќе настапи на Стадионот на АРМ во Скопје на 28 мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Авалон продукција“ денеска го најави претстојниот концерт на легендарната „Дип парпл“, кој ќе се одржи на Стадионот на АРМ во Скопје на 28 мај.
Првиот човек на „Авалон продукција“, Бобан Милошевски, на денешната прес-конференција истакна дека се чувствува тажно бидејќи поради епидемијата на Ковид-19 веќе три години не можат да организираат концерти.
„Се чувствувам некако убаво затоа што мислам дека сме спремни и ние и вие, и публиката и индустријата, да пробаме да ги надоместиме овие две-две и пол години што ни ги украдоа“, рече Милошевски.
Истакнувајќи дека овој прес е своевидно славење на животот и славење на враќањето во нормала, Милошевски рече дека во рок од шест дена ќе се одржат пет концерти и дека се спремни да ги надоместат преспаните две и пол години.
Македонската и регионалната публика ќе може во живо да ги слушне класиците: „Smoke on the water“, „Hush“, „Strange kind of woman“, „Woman from Tokyo“, „Knocking at your back door“, „Highway star“ и уште многу други хитови што го одбележаа петдецениското постоење на бендот во музичката историја.
Групата важи за еден од најголемите рокенрол-состави на сите времиња, а во неа членуваат Иан Гилан, Иан Пејс, Роџер Гловер, Стив Морс и Дон Ејри.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба низ продажните места во мрежата на „Авалон“ низ Македонија и онлајн на avalon.mk, по 1.500 денари за партер и 2.000 денари за фан пит.