СКОПЈЕ (АА) - Филмот „HoneyLand“ (Медена земја) е животот кој го гледате директно во очи, е местото каде што радоста и тагата се испреплетуваат, е начинот на живот кој веќе не го живееме поради модернизмот. Ова беше описот на филмската екипа за нивното уметничко дело од жанрот документарец, кој освои три главни награди на американскиот фестивал „Санденс“, јавува Anadolu Agency (АА).
На фестивалот, кој се одржа во Јута во Соединетите Американски Држави (САД), филмот „HoneyLand“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја освои главната награда на жирито за најдобар документарен филм на глобално ниво, а снимателите Феми Даут и Самир Љума ја добија наградата за најдобра кинематографија, додека филмот беше награден и за неговото влијание врз промените.
Режисерите, сценаристите и снимателите на филмот, на прес-конференција во Скопје, открија детали од снимањето на филмот, кое според нив имаше моменти на радост и тага.
Станува збор за последната жена во Европа, Хатиџе, која се занимава со одгледување диви пчели. Филмот зборува за потребата да се одржи рамнотежата и користењето на земјишните ресурси, но на претпазлив начин.
Документарниот филм е во продукција на „Аполи Медиа Филмс“ и беше спроведен како дел од програмата за заштита на животната средина во Република Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, поддржан и од Агенцијата за филм на Северна Македонија.
Заменик-амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија, Стефан Томажијан, во својот говор рече дека филмот го оставил без зборови, бидејќи, како што рече, главниот лик од филмот, Хатиџе, пренесува многу значајна порака.
„Главниот лик на филмот, Хатиџе, ни дава многу значајна порака. Вели задржете половина од медот за себе, а другата половина оставете ја за пчелите. Тоа е порака на жена која живее во симбиоза со природата и живее добро, без да ѝ наштети на неа“, рече тој, додавајќи дека филмот е повик за нас да се разбудиме и сензибилизираме против загадувањето на животната средина.
„Многу сме горди што ние, како Швајцарија, му помогнавме на овој креативен тим да ја пренесе универзалната порака до светот“, рече Томажијан.
Анита Стојчевска од Агенцијата за филм рече дека филмот е успех и на кинематографијата на Република Северна Македонија воопшто, кој ќе ја промени перцепцијата за филмот што се произведува тука.
Атанас Георгиев, сценарист и монтажер на филмот, зборувајќи за своите впечатоци за фестивалот „Санденс“, рече дека врз основа на критиките очекувал награда, но не и ваков успех.
„Филмот има договор со голема компанија за дистрибуција на филмот во Северна Америка што се вика Неон, која вети дека ќе го дистрибуира филмот во кината на најмалку 15 американски градови, а бројот може да оди до 50 градови, што значи дека ќе имаме публика од неколку милиони“, рече Георгиев, додавајќи дека нивниот оптимизам е, исто така, заснован на податоците дека документарниот жанр постигнува раст на глобалната публика.
На 12 и 13 март оваа година, филмот ќе има затворена проекција за новинари и други гости, додека јавното прикажување ќе се одржи на филмскиот фестивал „Мекодокс“ во август годинава во Скопје.
Во меѓувреме, тимот ќе патува во различни земји од светот каде што филмот ќе биде прикажан на тамошните фестивали.
news_share_descriptionsubscription_contact
