Mustafa Keleş
31 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Организацијата „Human Rights Watch“ (HRW) соопшти дека преку сателитските снимки се лоцирани најмалку 10 големи пожари во Аракан, и бара од владата на Мјанмар да дозволи влез во подрачјето за да се утврдат причините за пожарите и да се истражат тврдењата дека во областа се кршат човековите права, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот што го подготви „Human Rights Watch“ (Хјуман рајтс воч), се вели дека по нападите врз полициските станици на 25 август, забележани се два големи пожара, а од утринските часови на 28 август, забележани се пожари на уште 8 одделни локации.
Според извештајот, се претпоставува дека бројот на пожарите е многу поголем, но тие не можат да се забележат поради периодот на дождови и проблемот со резолуцијата на фотографиите. „Пожарите што ги лоцираше ХРВ се совпаѓаат со селата за коишто се тврди дека се запалени заедно со населението“, се вели во извештајот.
Во извештајот се истакнува дека пожарите се забележани во селата што се наоѓаат во околината на градовите Радедунг и Мунгдау. За пожарот забележан на сателитските снимки, во извештајот се вели дека се совпаѓа со изјавите на очевидците кои тврдат дека го напуштиле селото Таунг Пјо Лет Јар и пребегале во Бангладеш, оти селото е запалено, а убиени се голем број селани.
- Пожарите наликуваат на оние од 2012 и 2016 година -
Во извештајот се наведува дека за природата на пожарите нема да биде пронајден конкретен доказ, но се истакнува оти тие наликуваат на пожарите од 2012 и 2016 година, кога во акциите против Рохинџа муслиманите беа подметнати пожари на голема површина.
„Human Rights Watch“ истакна дека нападите врз безбедносните сили не можат да го оправдаат кршењето на човековите права. Во извештајот, организацијата „Human Rights Watch“ ѝ предлага на Владата на Мјанмар да прекине со прекршувањето на човековите права и да дозволи влез во подрачјето за да се спроведе истрага.
Во извештајот што претходно беше објавен, организацијата наведува дека во периодот од октомври 2016 до мај 2017 година, поради притисоци од страна на војската и кршење на човековите права, малтретирања, силувања, палење на селата, подрачјето го напуштиле повеќе од 87.000 Рохинџа муслимани кои се засолниле во Бангладеш.