Ecenur Çolak
05 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денес во Анкара се состана со турскиот колега Мевлут Чавушоглу и по состанокот изјави дека Германија и Турција се партнери и сојузници во НАТО, но дека моментално поминуваат низ криза во билатералните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Потсетувајќи на жалбите на Турција дека Германија не реагирала доволно брзо во осудувањето на минатогодишниот обид за воен удар на терористичката огранизација ФЕТО во Турција, Габриел изјави дека е многу среќен што тој обид за пуч не беше успешен, и додаде дека државата и народот на Германија се против воените хунти.
Габриел посочи дека економските односи на двете земји, како и соработката во борбата против тероризмот се на високо ниво, и додаде дека Турција е земја којашто претрпела најголеми загуби поради тероризмот.
Осврнувајќи се и на активностите на терористичката организација ПКК во Германија, Габриел рече дека таа не организација не е закана само за Турција, туку и за Германија, а поради тоа се наоѓа и на листа на терористички групи во Европската Унија.
„Германија може да ги разбере прашањата што Турција ги поставува во врска со ПКК и со цел да се спречат активностите на таа организација во Германија, ќе ги разгледаме одредените мерки“, изјави Габриел.
Габриел исто така изјави дека со барањата за азил во Германија се занимаваат посебни институции и судови и дека е таков случајот и со апликантите кои Турција ги товари за учество во јулскиот обид за воен удар, и додаде дека во Германија не е пронајдено некое решение во врска со лицата што Турција бара да бидат испорачани.
„Од Турција ни требаат докази дека тие лица биле учесници во обидот за пуч и таа ситуација не треба да ја гледаат како нешто што е против Турција“, изјави Габриел.
Дозволата од страна на турските власти, за посета на германските парламентарци на воената база на НАТО во Коња, Габриел ја оцени како позитивна и изрази и негодување поради спротивставените одлуки на турските власти кога станува збор за посетите на воената база „Инџирлик“.
Габриел укажа на заедничките интереси на Германија и Турција, и изрази надеж дека билатералните односи ќе се вратат на нивото кога беа значително подобри.