Zehra Nur Düz
10 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Другите земји треба да ја следат Турција која остро ги критикуваше кинеските власти за обесправувањето на муслиманското малцинство на заедницата на Ујгури, истакна денес челникот на организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch).
„Ова е голема работа: [Турција] е првата земја со мнозинско муслиманско население која директно упати критики кон Кина за нејзиниот ужасен третман на ујгурските муслимани, воедно и една од најмоќните земји со мнозинско муслиманско население“, рече Кенет Рот, од „Хјуман рајтс воч“.
„Сега е [време] за другите влади да ѝ се придружат на Турција“, додаде тој.
Рот ја спомена вчерашната реакција на турското Министерство за надворешни работи со која беа повикани кинеските власти да ги почитуваат основните човекови права на ујгурските Туркијци и да ги затворат концентрационите логори.
„Повеќе не е тајна дека над еден милион ујгурски Туркијци кои се подложени на произволни апсења, се подложени и на тортура и политичко „перење на мозокот“ во логорите и затворите“, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи, Хами Аксој.
- „Ујгурите кои не се притворени во овие кампови се под голем притисок“ -
Рот ја пофали јавната осуда на Турција упатена кон Кина за масовното притворање на ујгурските муслимани, со цел да ги принуди да се откажат од исламот и го повтори она што и турските власти го соопштија дека трагедијата во кинескиот регион Синџијанг претставува голем срам за човештвото.
„Турција забележува дека [Ујгурите] се подложени на мачење и политичко „перење на мозокот“ во концентрационите центри и затворите“, додаде Рот.
Рот понатаму истакна дека „следниот чекор треба да биде започнување истрага од страна на Советот за човекови права на ОН за кинеските злодела над Ујгурите и над другите муслимани во регионот на Синџијанг.“
Турција вчера ја повика меѓународната заедница и генералниот секретар на ОН да преземат ефикасни мерки за ставање крај на оваа човечка трагедија во Синџијанг.
Кинескиот регион Синџијанг е дом на околу 10 милиони Ујгури. Туркијската муслиманска заедница, која сочинува околу 45 отсто од населението во Синџијанг, од одамна ги обвинува кинеските власти дека спроведуваат културна, верска и економска дискриминација.
Кина ги засили своите ограничувања во тој регион во изминатите две години, забранувајќи им на мажите да пуштаат брада, а жените да носат шамии, и воведе она што многу експерти го сметаат за најопширна програма за електронски надзор во светот.
Околу 1 милион луѓе, или околу 7 отсто од муслиманското население во Синџијанг, е затворено во растечката мрежа на кампови за „политичка доедукација“, според американските официјални претставници и експертите на ОН.