Admir Fazlagic
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во писмена реакција во однос на прашањето на заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија, која беше постигната со посредство на Тирана и Приштина изјави дека „не е пристојно ниту соодветно кога премиер или претседател од соседна земја се меша во внатрешни работи", пренесува Anadolu Agency (AA).
„Не е пристојно ниту соодветно кога премиер или претседател од соседна земја директно се меша во внатрешни работи. Особено не во период по демократски спроведени избори и пред формирање на влада, бидејќи се испраќаат погрешни сигнали во регионот“, изјави министерот Попоски.
„Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедството. Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите“, истакна министерот Попоски.
Инаку, по неколку остварени заеднички средби, албанските политички партии ДУИ (Демократска унија за интеграција), коалицијата „Преродба со БЕСА" и „Алијансата за Албанците", усвоија заедничка платформа која предвидува реализација на повеќе цели, меѓу кои се постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот, целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик во сите нивоа на власта заедно со македонскиот јазик како официјални јазици во Република Македонија, постигнување економска рамноправност преку рамномерен регионален развој.
Албанските политички партии најавија дека ќе вложат напори за остварување на посочените цели од заедничката платформа и дека тие прашања ќе бидат приоритет на новата Влада на Република Македонија.