Qays Abu Samra,Afra Aksoy
01 Ноември 2016•Ажурирано: 02 Ноември 2016
ВИТЛЕЕМ (AA) - Италијанскиот претседател Серџо Матарела порача дека е неопходно да се започнат мировните преговори за решавање на палестинско-израелскиот конфликт, кој поради регионалните случувања повеќе не е на дневниот ред на меѓународната заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска во Витлеем го прими италијанскиот колега Матарела, кој допатува во официјална посета на Палестина, а по состанокот, претседателите на двете земји им се обратија на новинарите.
„Обновата на мировните преговори мора да стане меѓународен приоритет. Тоа прашање е едно од приоритетите за Италија“, рече Матарела и додаде дека Италија ги поддржува решенијата за блискоисточната криза на основа на воспоставување две независни и суверени држави.
И палестинскиот претседател Абас рече дека Палестина е подготвена за преговори за воспоставување две држави на основа на меѓународните одлуки и отворените иницијативи.
„Ја поддржуваме иницијативата на Франција којашто предвидува да се одржи меѓународна мировна конференција кон крајот на оваа година. Уверени сме дека во тој контекст, Италија ќе има конструктивна и важна улога“, рече Абас.
Нагласувајќи дека ја почитува еврејската религија и идејата Ерусалим да биде отворен за припадниците на сите религии кои имаат свои храмови во него, Абас рече дека се неприфатливи и се за осуда нападите на еврејските доселеници на Палестинците и нивните верски објекти во тој град.
Воспоставувањето мир е во интерес на сите луѓе. Тоа е нашата стратешка цел. Мирот треба да донесе стабилност за Палестина и за Израел, но и да ја заврши окупацијата и злосторствата на кои палестинскиот народ е изложен со децении“, порача Абас.
Абас во оваа пригода изрази солидарност со Италија и со нејзиниот народ по неодамнешниот земјотрес што ги погоди централните делови на таа земја.