Dzihat Aliju
20 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Турција во Скопје, Омур Шолендил, рече дека уште од почетокот верувале дека Македонија заслужува да биде членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, и дека силно ја поддржуваат на сите платформи, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот амбасадор Шолендил денеска се сретна со новинарите на проштална средба, затоа што должноста амбасадор му завршува на крајот од овој месец.
Тој истакна дека во Македонија се наоѓа повеќе од 2 години и дека претходно 3,5 години бил во Романија, и го изрази своето задоволство и гордоста за двегодишниот период што го поминал во Македонија.
Шолендил рече дека во текот на извршувањето на должноста во Македонија научил многу нешта и дека стекнал големо искуство. „Завршив 40 години од мојот професионален живот. За мене е гордост тоа што во мојата 40-годишна професионална кариера ‘последна станица' е Македонија. Овдешните граѓани и браќа секогаш ќе имаат голема вредност за мене“, рече Шолендил.
Тој понатаму посочи дека меѓу Македонија и Турција постојат цврсти односи коишто произлегуваат од историјата.
„Особено присуството на нашите браќа по религија и сонародници во Македонија уште повеќе ги зацврстува културните односи меѓу нас. Турција е првата држава што ја призна Македонија под нејзиното уставно име. Задоволни сме од ова. Територијалниот интегритет, политичкото единство, мирот и просперитетот на Македонија се елементи на кои ние им даваме важност“.
- Ние секогаш ги поддржувавме и ќе ги поддржуваме евроатлантските перспективи на Македонија.
„Ние секогаш ги поддржувавме и ќе ги поддржуваме евроатлантските перспективи на Македонија. Ќе ги развиеме уште повеќе нашите економски и трговски односи“, рече турскиот амбасадор.
Турскиот амбасадор Шолендил исто така предупреди на обидот за државен удар од терористичката организација ФЕТО, на 15 јули, и рече дека овој предавнички обид е попречен со одлучниот став на претседателот Реџеп Таип Ердоган, членовите на Владата, Собранието и турскиот народ.
„Ние ги изразивме нашите очекувања и дадовме информации во врска со тоа. Македонската Влада има донесено одлука во врска со ова. Ја следиме таа одлука, ќе го видиме (резултатот) во следниот период. Македонија е во период на подготовки за избори и се покажа дека во врска со ова прашање е потребно време. Ќе ја следиме ситуацијата. Во Турција со закон е основана фондацијата ‘Мариф’, којашто во следниот период ќе ги направи потребните контакти за давање на потребната поддршка и помош во сите држави“, рече турскиот амбасадор.
Амбасадорот Шолендил меѓу другото рече и дека од почетокот верувале оти Македонија заслужува да биде членка на ЕУ и на НАТО, и дека силно ја поддржуваат на сите меѓународни платформи. „Во периодот додека бев на должност тука, во исто време бев и амбасадор на контактната точка на НАТО. Имавме редовни контакти. Ние веруваме дека примањето на Македонија под безбедносниот чадор на НАТО не е важно само за мирот и за внатрешната безбедност на Македонија, туку и за целиот регион“.
На крајот, тој посака изборите на 11 декември да донесат мир и спокојство во Македонија.