Afra Aksoy
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - „Убиството на Кашоги го прифаќаме како злосторство и голема грешка“, истакна шефот на саудиската дипломатија Адел ал Џубеир, јавува Anadolu Agency (AA).
Ал Џубеир нагласи и дека за Саудиска Арабија е неприфатливо на тој случај да му се придаваат меѓународни димензии, и додаде дека политизацијата на случајот предизвикала поделба во исламскиот свет.
„Ја отфрламе политизацијата на случајот „Кашоги“ и обидите за мешање во внатрешните работи на Саудиска Арабија“, порача Ал Џубеир во Ријад.
Тој кажа дека Саудиска Арабија е одлучна во намерата по судски пат да ги процесуира сите одговорни за убиството на Кашоги.
Истакнувајќи дека саудиските институции во истрагата соработуваат со турските институции, Ал Џубеир рече дека и понатаму постојат прашања на кои треба да се најдат одговори.
Канцеларијата на главниот саудиски обвинител денес соопшти дека се подигнати обвиненија против 11 од вкупно 21 обвинет за убиството на новинарот Кашоги.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека денешните изјави на саудиското Обвинителство се незадоволувачки.
Тој ги повика саудиските власти да ја откријат целата мрежа која стои зад бруталното убиство и да одговорат на клучното прашање каде се наоѓа телото на убиениот новинар.
Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија денес во Ријад соопшти дека ќе побара изрекување на смртни казни за сите за кои ќе се утврди дека учествувале или го наредиле убиството на Кашоги.
Колумнистот на весникот „Вашингтон пост“ („The Washiington Post“) е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул. Турското Обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш при влегувањето во Конзулатот, и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија додатно признаа дека Кашоги е убиен, и дека не го напуштил Конзулатот, како што тврдеа претходно.
Истрагата за случајот и понатаму е во тек, со акцент на потрагата по посмртните останки на Кашоги.