Adem Demir
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Американската актерка Линдзи Лохан во Султанбејли, Истанбул, ги посети сириските бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за млади и спорт на Турција, Абдурахим Бојнукалин и холивудската ѕвезда ја посетија болницата во Султанбејли, отворена за Сиријците, поради кои младата актерка реагирала емотивно.
„Болницата во Султанбејли којашто овозможува медицинска нега за мигрантите, а во неа работат сириски лекари, ја трогна актерката. Таа изјави дека следниот пат кога ќе дојде, сака да работи еден ден во таа болница“, изјави Бојнукалин.

Тој додаде дека Лохан притоа посетила сириско семејство и однела подароци. Не можела да ги задржи солзите додека ги слушала животните приказни на бегалците.
Велејќи дека сака повторно да дојде во Турција колку што е можно поскоро, Лохан вети дека ќе ги продолжи проектите за сириските бегалци.
Според зборовите на Бојнукалин, Лохан била трогната и од пожртвуваноста на Турција кога станува збор за бегалците.
„Беше изненадена од она што го виде. Откако ја ислуша приказната на бегалците што ги посети, отиде во кујната и плачеше“, додаде тој велејќи дека претходно од пријател дознал оти Лохан сака да се занимава со хуманитарна работа за бегалците, па ѝ предложиле да ја посети болницата на Султанбејли, а потоа и куќата на бегалците.
Бојнукалин пренесе дека актерката рекла оти во Турција сака да дојде повторно за седум до десет дена.

„По посетата во болницата, посетивме еден господин ранет во двете нозе. Лохан внимателно ја слушаше неговата приказна. Ја виде состојбата во која се наоѓа семејството. Ја ислуша приказната и отиде во кујната, каде што плачеше“, додаде Бојнукалин. Тој вели дека медиумите не биле повикани на овој настан бидејќи не сакале оваа посета да добие друга димензија.
„Она што е важно е тоа дека холивудската ѕвезда покажа голем интерес кон овој проблем и дека со тоа што дојде, изрази желба да укаже на проблемот“, смета тој.