Ivana Ramadanova
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Членовите на "Шарената револуција" денеска точно на пладне ги блокираше трите централни моста во Скопје - „Гоце Делчев", „Мајка Тереза" кај МАНУ и мостот „Слобода" кај МНР, јавува Anadolu Agency (AA).
Со цртање на бројот два на сите три моста, демонстрантите потсетија дека останаа уште 2 дена до рокот кој го поставија до Уставниот суд да се произнесе за иницијативата за уставниста за Специјалното јавно обвинителство и запирање на прогонот на демонстрантите.
Од Шарената револуција очекуваат дека во наредните денови Уставниот суд ќе се произнесе за уставноста на СЈО и дека сè уште има доволно време за да се направат промени. Тие не сакаа да прецизираат кои ќе бидат нивните следни активности доколку не се исполнат нивните барања, но велат дека ќе продолжат и понатаму да бидат активни.
„Нема да дозволиме криминалците да останат неказнети, а демонстрантите да бидат под прогон! Многу сме, моќни сме, секој од нас споделува силна идеја за праведна држава и слободно општество и тоа ќе покажеме преку нашите следни дејствија”, пишува Шарената револуција на својот официјален профил на Фејсбук.