İdris Okuducu
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
МОСУЛ (АА) - На осумнаесеттиот ден од акцијата за ослободување на Мосул, забележани се најмногу миграции од околните подрачја на градот кој се наоѓа под контрола на терористичката организација ДЕАШ. Стотици цивили од населбата Кокјели, во близина на Мосул, ги напуштија домовите и побараа засолниште во посигурна област, јавува Anadolu Agency (AA).
Семејствата од Кокјели и околината претежно бегаат во подрачјата под контрола на силите на Пешмерга.
Луѓето од различна верска и етничка припадност се свесни за мините и експлозивните уреди што се поставени на патот, но го напуштаат Мосул и покрај големата можност да загинат.
За да се спречи вовлекувањето на припадниците на ДЕАШ меѓу бегалците, силите на Пешмерга ги испитуваат сите цивили и ги претресуваат. Потоа, бегалците ќе бидат пратени во блискиот, неодамна подигнат бегалски камп „Хазир“.
Кампот со 6.000 шатори го основаа ирачките власти и Обединетите нации (ОН). Вработен во кампот, Ризгар Убејд, изјави дека од утринските часови голем број цивили тргаат на пат.
„Од утринава ни дојдоа повеќе од 1.500 бегалци. На тие луѓе треба да им се обезбеди хуманитарна помош“, смета Убејд, кој додава дека помошта со храна за семејствата нема да биде доволна.
Тој истакнува дека на тие семејства, особено на децата им е потреба стручна психолошка помош.
„Некои деца си играат игри со отсекување глави. Таквите работи навистина им останале во сеќавање бидејќи го виделе тоа. Потребна им е итна терапија“, нагласува Убејд.
Жител на Кокјели кој не сакаше да го открие своето име изјави дека ги обземал страв кога почнале судирите меѓу ирачката војска и милитантите.
Тој додава дека останале без ништо откако подрачјето на кое живееле пред 2,5 години паднало под контрола на ДЕАШ.