Bekim Laci
26 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Советот на интелектуалците Албанци во Македонија, на прес-конференција, упати апел до Албанците во Македонија да гласаат на референдумот на 30 септември кој ќе го отвори патот за членство во НАТО и Европската Унија (ЕУ), а го усвои и Меморандумот за уредување и гарантирање со Устав на уставно-правниот и политичкиот статус на албанскиот народ во Македонија, преку кој бара албанскиот народ и јазик да бидат вклучени во Уставот како државотворни елементи, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во усвоениот Меморандум на Советот на интелектуалците Албанци во Македонија, кој беше презентиран на прес-конференција, по успешниот референдум се очекува да започнат и уставните измени, при што, интелектуалците бараат во овие измени да бидат вклучени и отворените прашања за колективните права на Албанците, кои се оспоруваат од осамостојувањето на Македонија до денес, за што во Уставот треба да бидат направени потребните измени.
„Република Македонија е национална држава на македонскиот народ, држава на албанскиот народ и на националните заедници, турската, влашката, бугарската, српската, ромската, бошњачката и другите кои живеат во оваа земја“, рече Адил Мустафа од овој Совет.
Тој побара службените јазици на Република Македонија да се уредуваат и гарантираат во член 7, како во следниот предлог:
„На целата територија на Република Македонија и во меѓународните односи, службените јазици се македонскиот и неговото кирилско писмо, и албанскиот јазик и неговото писмо.“
Мустафа објасни дека овој Меморандум, кој во себе вклучува низа прашања кои се поврзуваат со статусот на Албанците во земјата, ќе биде испратен до премиерот на земјата, Собранието и до различни меѓународни организации, со цел да се сензибилизира ова прашање.