Kasım İleri
14 Декември 2018•Ажурирај: 14 Декември 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот Сенат едногласно ја усвои резолуцијата со која саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман се прогласува за одговорен за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Во резолуцијата се наведува дека изјавите на саудиските власти во врска со убиството на Кашоги сериозно ја нарушиле довербата во долгогодишното пријателство и односите помеѓу САД и Саудиска Арабија.
Се осудува убиството на саудискиот новинар и се повикуваат властите на Саудиска Арабија да ги процесуираат одговорните.
Нацрт резолуцијата ја предложи шефот на Комисијата за надворешни работи при Сенатот, Боб Коркер.
Кашоги, новинар и колумнист на весникот Вашингтон Пост, убиен е на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул.
Турското обвинителство откри дека тој е задавен по влегувањето во конзулатот и дека неговото тело е исечено на делови и уништено. Властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил конзулатот, како што првобитно тврдеа.
Истрагата за случајот и понатаму е во тек со акцент на потрагата за посмртните остатоци на Кашоги.
Американската разузнавачка агенција (ЦИА) во извештајот наведе дека наредбата за убиството на Кашоги ја издал саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.