Ekipa
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
ДАКА (АА) - Бунтовниците од муслиманското малцинство Рохинџа, прогласија едномесечно примирје во североисточниот дел на мјанмарската покраина Аракан за да се овозможи доставување хуманитарна помош на цивилите во тој кризен регион, јавува Anadolu Agency(AA).
Ослободителната армија на араканските Рохинџа муслимани (АРСА) соопшти дека примирјето на сила стапува денес.
„АРСА ги охрабрува хуманитарните организации да продолжат да помагаат на сите жртви од хуманитарната криза во Аракан, без оглед на нивната верска или етничка припадност“, се наведува во соопштението на АРСА.
Муслиманските бунтовници ја повикаа војската на Мјанмар да се придружи на прогласениот прекин на судирите, и да го одложи оружјето за да се овозможи доаѓање на хуманитарната помош.
Рохинџа муслиманите веќе со години се најголемото и најзагрозено етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во подрачјето на Аракан во Мјанмар. АРСА е бунтовничка група која во северниот дел од подрачјето се спротиставува на нападите на мјанмарската војска, а првите судири во кои учествувале под тој назив се регистрирани во октомври минатата година.
Под изговор за борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, од кои десетици илјади жители беа приморани да избегаат кон соседен Бангладеш.
Според последните извештаи на ОН, во Бангладеш досега влегле 290.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат за премин на границите.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизниот биланс на настрадани во нападите врз муслиманските села. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени луѓе.
Обединетите нации (ОН) упатија апел до членките за собирање на 77 милиони долари за загрозените бегалци од Мјанмар.