Ayşe Aktaş
10 Август 2017•Ажурирај: 11 Август 2017
МОНТРЕАЛ (АА) - Меѓународната организација за цивилна авијација (ICAO) соопшти дека Бахреин и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) прифатиле да отвoрат еден дел од нивниот воздушен простор за Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на ИЦАО, чие седиште се наоѓа во канадскиот град, Монтреал, Антони Филбин, истакна дека Бахреин и ОАЕ отвориле неколку воздушни коридори за „Qatar Airways“ (Катар Ервејс), меѓу кои и привремени коридори, и коридори за итни состојби.
Според соопштеното, Меѓународната организација за цивилна авијација од 5 јуни работеше со различни земји од Блискиот Исток, со цел обезбедување воздушен коридор за „Qatar Airways“.
Советот на ИЦАО врз основа на жалбата на Катар, кон крајот на минатиот месец одржа вонреден состанок во Монтреал.
Организацијата ги повика овие земји да го почитуваат Договорот од Чикаго, како и за соработка со цел одржување на цивилната авијација.
„Постигнавме напредок принудувајќи ги земјите кои поставија блокада, да го почитуваат договорот“, истакна претходно катарскиот министер за транспорт и комуникации, Касим ес-Салити, во врска со апелот на ИЦАО до Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и до Египет за почитување на Договорот од Чикаго.
Салити, исто така, претходно нагласи дека земјите со поставувањето на воздушна блокада кон Катар вршат дискриминација, што е против Договорот од Чикаго.
Кризата меѓу Катар и некои арапски земји започна на 5 јуни кога Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет ги прекинаа сите дипломатски односи со Катар. Четирите земји што наметнаа блокада кон Катар, упатија листа со 13 барања до земјата, додека Катар соопшти дека нема да прифати ниту едно барање, за кои рече дека се во спротивност со меѓународното право.