Ekipa
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
АЗАЗ/АНКАРА (АА) - Цивилите кои побегнаа од сириското подрачје на Тел Рифат и борците на Слободната сириска војска, се собраа во Азаз и ги повикаа Турските вооружени сили да ја продолжат операцијата „Маслинова гранка“ и да го ослободат подрачјето на Тел Рифат, кое е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Речиси 500 цивили и борци на сириската опозиција се собраа во Азаз за да ѝ се заблагодарат на Турција за ослободувањето на подрачјето на Африн, и побараа операцијата „Маслинова гранка“ да се прошири и на Тел Рифат.
Насобраните вееја турски знамиња и знамиња на Слободната сириска војска, и извикуваа слогани против терористичката организација ЈПГ/ПКК.
И вчера бегалците од Тел Рифат се собраа во Азаз и го блокираа патот, со барање операцијата „Маслинова гранка“ да продолжи со ослободување на нивниот град.
Тел Рифат се наоѓа југоисточно од Африн и станува збор за стратешки важна локација. Терористите на ЈПГ/ПКК кои претходно го окупираа источниот брег на Еуфрат, во почетокот на 2016 година, од правец на Африн го окупираа Тел Рифат и неговата периферија.
ЈПГ/ПКК по окупацијата, од Тел Рифат протера речиси 25.000 жители, главно од арапската етничка заедница. Бегалците се сместени во подрачјето на Азаз, северно од Тел Рифат, кој беше ослободен во офанзивата „Штитот на Еуфрат“.
Со цел промена на демографската слика, терористите на ЈПГ/ПКК во Тел Рифат сместија курдски семејства од Африн. Моментално, во центарот на Тел Рифат живеат меѓу 15.000 и 20.000 цивили, меѓу кои, вкупно неколку стотици од автохтоното арапско население на тој град.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во неделата изјави дека Турските вооружени сили наскоро ќе го ослободат Тел Рифат и така ќе ја остварат целта на операцијата „Маслинова гранка“.