БУРСА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, најави брзо завршување на операцијата „Маслинова гранка“ која турските вооружени сили вчера ја започнаа во сирискиот регион Африн со цел неутрализирање на тамошните терористички елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на посетата на Бурса, претседателот на Турција Ердоган, првенствено им се обрати на насобраните десетици илјади граѓани на градскиот плоштад, а потоа и на учесничките на Конгресот на женскиот огранок на Партијата за правда и развој (AK Parti).
Потсетувајќи дека вчера започна операцијата во Африн, Ердоган рече дека нема застанување и дека турските сили наскоро ќе го завршат започнатото.
„Еве, денеска добив одредени информации дека ХДП и КЏК го повикуваат народот на плоштади и одржување на конгрес во Дијарбакир, каде што на плоштадите не најдоа никого. Знајте дека секој ваш чекор внимателно се следи. ХДП, КЏК и ПКК, знајте дека ако излезете на било кој плоштад и ѝ се спротивставите на националната борба која ја води Турција, зад вратот ќе ги имате турските безбедносни сили”, порача Ердоган.
Турскиот претседател порача дека никому нема да му биде дозволено да го загрозува националното единство и територијален интегритет, и дека турските сили и институции ќе ја продолжат борбата против сите терористички организации, вклучувајќи ги ПКК, ФЕТО, ДЕАШ и другите.
Потсетувајќи дека од доаѓањето на АК Партијата на власт во Турција е зголемен националниот приход по жител од 3.500 на 11.000 долари, Ердоган рече дека турскиот извоз е зголемен од 36 милијарди на 158 милијарди долари.
Тој потсети дека Турција го вратила долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кој пред 15 години изнесувал 23,5 милијарди долари.
„Некои и понатаму зборуваат дека турската економија не е добра. Тие лица нека си ги задржат своето мислење за себе, ние сме си доволни самите себеси и цврсто стоиме на сопствени нозе. Први сме во светот по економскиот раст од 11 отсто. Никој нека не ни држи лекции”, порача претседателот Ердоган.
Турските сили вчера ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Африн со цел воспоставување на безбедност во пограничното подрачје, неутрализирање на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата која под окупација ја држат терористите и спас на братскиот народ на тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Турција во март минатата година успешно ја заврши семуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“ на северот од Сирија и го исчисти подрачјето од терористичките елементи, а вчера турските сили започнаа слична операција во Африн, кој е окупиран од страна на терористите на ПЈД/ПКК.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без судири, им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат од 8 до 10 илјади терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија. ПКК од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција, и досега во тие терористички напади животот го загубија околу 40 000 лица.
news_share_descriptionsubscription_contact
