Aynur Ekiz
18 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, денес во Анкара изјави дека апсењето на терористот на ДЕАШ, осомничен за терористичкиот напад на новогодишната ноќ во Истанбул, претставува голем успех на турската полиција, и дека понатамошната истрага ќе даде важни информации за терористичката организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашања на новинарите и на уредниците од АА, од сите делови на светот, а се осврна и на актуелните случувања во Турција.
Тој зборуваше и за апсењето на терористот Абдулгадир Машарипов, осомничен за извршување на терористичкиот напад во новогодишната ноќ, во ноќниот клуб „Реина“ во истанбулската населба Ортакој, во кој загинаа 39 лица, а десетици беа повредени.
Боздаг рече дека акцијата за негово апсење е успешно завршена благодарение на посветената и напорна работа на турската полиција.
„Од нападот врз ‘Реина’ беше водена темелна истрага, од преглед на видеоснимките, па сè до други дигитални податоци. Полицијата практично ја следеше трагата на терористот и го уапси. Ова е голем успех на нашата полиција“, рече Боздаг.
Тој истакна дека е многу јасна поврзаноста на овој терористички напад со ДЕАШ, и дека сите докази собрани досега укажуваат токму на таа терористичка организација. Боздаг истакна дека апсењето на терористот што го изврши нападот во име на ДЕАШ е многу важно, со оглед на тоа што понатамошната истрага ќе донесе и значајни информации во врска со терористичката организација.
Тој потсети и дека во акцијата на апсење на терористот на ДЕАШ биле вклучени над 2.000 полицајци.
Осврнувајќи се и на уставните измени во неговата земја, Боздаг истакна дека претседателскиот систем има големо значење во однос на иднината на Турција.
„Претседателскиот систем во својата природа овозможува политичка стабилност и силна влада, бидејќи како и да гледате на тој систем, јасно е дека како резултат на избори во неговите рамки доаѓа стабилноста, а владата добива легитимитет и овластувања директно од граѓаните. Оттука, сметам дека претседателскиот систем е многу значаен од аспект на иднината на Турција“.
Турскиот Парламент во неделата, во првиот круг на гласање усвои сет уставни промени.