Adsız Günebakan
22 Август 2016•Ажурирај: 22 Август 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Бројот на загинати во терористичкиот напад во југоисточниот турски град Газиантеп порасна на 54 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Со смртта на уште три тешко ранети лица во терористичкиот напад на свадбата во Газиантеп, бројот на загинати се зголеми на 54 лица. Трите тешко ранети лица во текот на ноќта починаа од повредите здобиени во терористичкиот напад.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, претходно изјави дека терористичкиот напад на свадбата во Газиантеп го извршило лице на возраст помеѓу 12 и 14 години со активирање на експлозив на себе.
Ердоган изјави дека прелиминарните резултати од истрагата укажуваат на тоа дека нападот бил дело на терористичката организација ДАЕШ, и додаде дека надлежните турски служби и претходно предупредувале дека на подрачјето на Газиантеп дејствуваат ќелии на ДАЕШ.
„Сега нашите сили уште поинтензивно ќе продолжат со делување во тој регион. За да го сочуваме нашето единство и братство во оваа борба против тероризмот мораме да останеме силни и обединети. Не е битно од каде потекнува кога станува збор за тероризмот, не е битно дали тоа е тероризмот на ФЕТО, ПКК, ДАЕШ или оној во Сирија на ПЈД И ЈПГ. Сите тие се за нас терористички организации. Тие не познаваат вера, татковина и нација. Ќе ги победиме со заедничка борба, токму како што тоа го направивме на 15 јули против пучистите”, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција ја продолжува одлучната борба против тероризмот и предавниците, Ердоган изјави дека процесот на чистење на тероризмот ќе биде продолжен бидејќи сè уште постои сомнеж дека во рамките на безбедносните и другите институции се наоѓаат инфилтрирани поединци на тие организации.