Kerem Kocalar,Kemal Karagöz
01 Јануари 2016•Ажурирај: 02 Јануари 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Абдулкадир и Разије Гунгор, брачен пар од југоисточниот турски град Газиантеп, во текот на 34-годишниот брак, 21 пат доживеале радост поради раѓање на свое дете. Четири нивни дечиња починале од различни болести, а денес имаат 17 деца, пишува Anadolu Agency (AA).
Абдулкадир (55) и Разије (51) се венчале во 1981 година и оттогаш живеат во малото место Шахинбеј, недалеку од градот Газиантеп. Родители се на 17 деца, девет синови и осум ќерки. Нивните деца се на возраст помеѓу една и 33-годишна возраст.
Покрај тоа, мајката Разије имала седум спонтани пометнувања. Осум од децата на брачниот пар Гунгор стапиле во брачна заедница, така што Гунгориеви денес имаат 24 внучиња.
Таткото Абдулкадир Гунгор рече дека со својата фамилија живее среќен живот и дека своите деца ги гледа како благодат. Вели дека бројноста на децата за него не претставува никаков проблем, освен што некогаш се соочува со одредени, како што рече "административни проблеми".
"Кога се роди мојот најмлад син Хилми, отидов да го пријавам. Но, службениците кои работеа таму не ми веруваа дека веќе 20 имам деца. Дојдоа дома и откако проверија, на мојот Хилми му одобрија издавање на лична карта", раскажува Гунгор.
Семејството Гунгор се занимава и живее од земјоделство, како и најголемиот број жители од тоа мало место. Таткото Абдулкадир додава дека понекогаш се случува да ги замени имињата на своите деца.
"Се случува понекогаш, кога сите се собираме и кога ќе дојдат внучињата да им ги заменам имињата. Но и тие навикнаа на тоа, така што нема проблеми", вели Гунгор.
Мајката Разије раскажува дека на 17 години го зела своето прво бебе в прегратки, и дека останала бремена 28 пати, но денес има 17 деца.
"Да се одгледаат децата и не беше толку тешко. Понеогаш имавме материјални потешкотии. Секому му препорачуваме да раѓа деца, бидејќи од деца нема штета. Јас лично, кога би имала материјална поддршка, би родила уште деца", вели гордата мајка Разије.
Керката Сонѓул, третото дете по ред во семејството, стапила во брак пред десет години. Со оглед што веќе има четири деца, очигледно е дека љубовта кон децата ја наследила од своите родители.
Таа вели дека е среќна бидејќи има многу браќа и сестри, и додава дека за нивното семејство дневно се потребни околу 50 векни леб.
"Јас, исто така, имам четири деца и многу ги сакам. Сакам уште да раѓам, но не колку мајка ми, бидејќи времињата, условите и животниот стандард се изменети", рече Сонѓул.