Bekim Laci
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со песни, игри и здравствени активности, на плоштадот Македонија во Скопје денес беше одбележан 8 мај - Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а Македонска Пошта пушти во употреба поштенска марка со мотото на оваа годишнина - „Насмевка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесниците на денешната активност, лица од Дневните центри за лица со попречност од Скопје, Кичево, Дебар, Велес, Кавадарци, Делчево, Прилеп и Гостивар, активно зедоа учество во промовирањето на кампањата за еднакви можност на оваа категорија на лица, истовремено апелирајќи за подигнување на јавната свест за нивните потреби.
Претседателот на Црвениот крст на Македонија, Ромел Велев, рече дека секоја година на овој датум се сеќаваат на приоднесот на над 14 милиони вработени лица и доброволци на Црвениот крст и Црвената полумесечина ширум светот, кои имаат за цел да ги поттикнуваат луѓето за хуманитарни активности.
Велев нагласи дека кризите кои го зафатија светот, како што се динамиката на природните катастрофи, дестабилизираната политичка ситуација, приливот на населението од зоните зафатени од војни, стануваат сè покомплицирани, што покажува дека активностите на Црвениот крст и Црвената полумесечина се една неопходност повеќе од било кога.
„Од Сирија до Сомалија, од Непал до Нигерија, сведоци сме на храброста на нашите колеги кои често ги ставаат своите животи во опасност за да им помогнат на луѓето на кои помошта им е потребна, понекогаш и жртвувајќи го сопствениот живот за извршување на хуманитарните должности. Волонтерите на движењето се насекаде низ свет и во служба на секого, обезбедувајќи основни хуманитарни потреби за најранливите групи на наеление“, додаде Велев.
Директорот на јавното претпријатие Македонска Пошта, Фаадис Реџепи, истакна дека хуманоста и солидарноста не познаваат граници, чиј синоним е Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Реџепи рече дека секој човек и секоја институција треба да бидат посветени кон предизвиците кои бараат хуманост.
„Македонска Пошта со нејзиниот капацитет и во иднина ќе биде со вас во поддршка на хуманитарните активности. Нека издавањето на поштенската марка и прогласувањето на Неделата на Црвениот крст во Македонија биде едно поттикнување за оживување на хуманоста во сите нас“, нагласи Реџепи, кој додаде дека финансиските средства добиени од продажбата на поштенските марки во над 320 поштенски единици ќе бидат наменети за Црвениот Крст на Македонија.
Поштенската марка со вредност од девет денари е испечатена во 50 илјади примероци.