Yeşim Sert Karaaslan
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Во Република Турција започна голема кампања за собирање хуманитарна помош за загрозеното муслиманско малцинство во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот вицепремиер Реџеп Акдаг, директорот на владината Канцеларија за вонредни ситуации (AFAD), Мехмет Ѓулоглу, претседателот на Турската црвена полумесечина, Керем Киник, и претставниците на другите невладини организации денес ја претставија кампањата „Аракан крвари, Турција подава рака за помош“.
На прес-конференцијата во седиштето на АФАД во Анкара беа претставени голем број иницијативи со коишто Турција сака да помогне во запирањето на нападите и злосторставта со коишто се соочени муслиманите во јанмарскиот регион Аракан.
Хуманитарната кампања во Турција започна денес, а заинтересираните граѓани од земјата можат сите детали да ги дознаат на интернет-страницата http://www.arakanasahipcik.org.
За собирање помош за араканските муслимани, отворен е хуманитарен број за сите мобилни оператори, како и хуманитарна жиро-смета во банката „Ziraat“ (Зираат).
Турскиот вицепремиер Акдаг истакна дека турска делегација, со министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и првата дама на Турција, Емине Ердоган, ги посетила араканските муслимани во Бангладеш и извршила увид за потребите на загрозените бегалци од Аракан.
Тој ја оцени за неприфатлива пасивноста на меѓународните организации кон егзодусот што го преживуваат муслиманите во Мјанмар и додаде дека Турција уште еднаш покажала како се брани совеста и образот на човештвото.
„Наредба за започнување на кампањата добив од претседателот Реџеп Таип Ердоган, а случајот го следи и премиерот Бинали Јилдирим. Започнуваме голема и сериозна кампања. Со поддршка од турската Влада од една страна, и дарежливоста на турскиот народ, заедно уште еднаш ќе подадеме рака за помош на нашите браќа во Аракан“, порача Акдаг.
Тој потсети дека турската дипломатска мрежа одлучно работи на реализација на предлогот од турскиот претседател, да се подигнат кампови и да се згрижат араканските бегалци во Бангладеш, и додаде дека за тој проект треба да се добие и согласност од страна на Владата во Бангладеш.