Ivana Ramadanova
11 Септември 2016•Ажурирај: 11 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Земјотресот кој утринава го погоди Скопје и околината беше со јачина од 4.0 степени според Рихтеровата скала, соопштија од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за АА, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Михаил Гаревски вели дека длабочината е некаде околу 6 до 10 км, a епицентралното подрачје е некаде околу Арачиново.
„Магнитудата по Рихтер е 4 степени. Не би требало да предизвика никакви штети. Ваквиот вид на земјотрес не би требало да направи некоја штета доколку градбите се изведени според прописите, а не се очекува штета ниту од земјотресите кои евентуално би следеле. По земјотресот со ваква јачина, афтершокови се сосема очекувана појава. Земјата е можно да продолжи да се тресе, но тоа се обично мали потреси. Граѓаните треба да останат смирени бидејќи нема опасност од паѓање на згради. Ваков совет не даваме доколку земјотресот е со разурнувачка моќ“, вели директорот Гаревски.
Според Гаревски, овој земјотрес нема никаква поврзаност со поплавите и дека поплавите од 6 август толку во таа област околу Скопска Црна Гора се само коинциденција со раздвижувањето на тектонските плочи, но не предизвикуваат земјотреси.
„Многу е тешко да се предвидат земјотресите. Неодамна пред поплавите имавме магнитуда од 4.8 што е многу посилно од ова. Земјотресите се случуваат поради придвижување во длабоките слоеви на Земјата до кои површинската вода и не допира“, вели директорот Гаревски.