Ekipa
26 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - На овогодишниот четврти по ред меѓународен натпревар „Istanbul Photo Awards 2018“, што го организира Anadolu Agency (АА), наградата „Фотографија на годината“ ја доби босанскиот фоторепортер, Дамир Сагољ, за фотографијата насловена како „Дете“, фотографирана во еден бегалски камп каде што престојуваат Рохинџа муслимани, во Бангладеш.
Објавени се добитниците на наградите на овогодишните четврти по ред „Istanbul Photo Awards 2018“ организирани од страна на Anadolu Agency (AA), чии официјални спонзори се општината на град Истанбул, „Туркиш Ерлајнс“ (Turkish Airlines), и Турската Агенција за соработка и координација (ТИКА). Меѓународното жири кое се собра во периодот од 18 до 21 март во Истанбул, додели награди за 27 фотографии од 22 земји.
Босанскиот фоторепортер, Дамир Сагољ, е награден со наградата „Фотографија на годината“ од страна на меѓународното жири, за фотографијата насловена „Дете“, фотографирана во еден бегалски камп каде што престојуваат Рохинџа муслимани, во Бангладеш.
Од друга страна, во категоријата „Серија вести“ првата награда ја доби Кевин Фрејер, за серијата фотографии фотографирани за „Getty Images“.
Лукас Шулце ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија од спортот“, со фотографијата насловена „Дали е пливач или риба?“, додека пак, во категоријата „Серија фотографии од спортот“, првонаграден е Павел Волков со серијата фотографии насловена како „Приказната за Талаи“ направени за „Vechernaya Moskva Newspaper“.
Мухамед Фатхил Асри, со фотографијата која ја фотографираше за „New Straits Times Press“, ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија од природата и животната средина“, а пак, Маркус Јам со серијата фотографии кои ги направи за „Los Angeles Times“, беше првонаграден во категоријата „Серија фотографии за природата и животната средина“.
Ендрју Меконел, со серијата фотографии кои ги фотографираше за „Panos Pictures“, ја доби првата награда во категоријата „Серија Портрети“, додека пак, рускиот фотограф, Сергеј Строителев, стана победник во категоријата „Серија секојдневен живот“.
Оваа година наградата „Млад фоторепортер“ под 28 години, ја доби фоторепортерот Езра Аџајан од Филипините.
Почесни награди добија Родриго Кабрита во категоријата „Серија фотографии за природа и животна средина“, а пак Анастасија Руденко во категоријата „Серија фотографии од секојдневието“.
Наградените фотографии на „Istanbul Photo Awards 2018“ ќе бидат вклучени во албумот на натпреварот кој се објавува секоја година, а ќе бидат и дел од изложбите кои ќе бидат отворени во земјата и во странство.
Истакнатите личности на меѓународната фото-вест сцена кои го сочинуваат жирито на натпреварот, велат дека на натпреварот се пријавиле истакнати фотографи и дека секоја година се зголемува бројот на пријавените, како и квалитетот на фотографиите. Членовите на жирито нагласија дека кога се избира фотографијата на годината, во моментот кога ќе ја видат фотографијата, кај нив се создава едно заедничко мислење. Членовите на жирито истакнаа дека „Istanbul Photo Awards“ со наградување на фотографиите од најзначајните настани на годината и фотографиите кои ги одразуваат различните аспекти на животот, им дава една значајна финансиска поддршка на фоторепортерите кои претежно работат во тешки услови, и рекоа дека општо даваат сериозен придонес во визуелниот медиум.
- Меѓународно жири -
Како и минатата година, и во овогодишното жири се наоѓаат уредничката на дигиталниот сектор на списанието "Paris Match" Мерион Мартенс, главниот спортски фоторепортер на „Getty Images" Камерон Спенсер, познатиот фоторепортер на агенцијата „Noor" Јури Козирев, фоторепортерот и советник за визуелен медиум, Џорџес де Керл, раководителот на Канцеларијата за развој на фотографии на AFP, Мишел Ското, уредникот на визуелните вести на Аnadolu Аgency (AA) Ахмет Сел и уредникот на фото сервисот на АА, Фират Јурдакул.
Освен тоа, во овогодишното жири на „Istanbul Photo Awards“ за прв пат беа присутни уште две значајни имиња, визуелниот директор на „Takie Dela“, Андреј Поликанов, и минатогодишниот добитник на првата награда на овој натпревар, Фредерик Лафарж.
- Награди -
Фоторепортерот чија фотографија е прогласена за „Фотографија на годината“ ќе добие награда од 10.000 долари. Победниците во другите категории ќе добијат 8.000, второпласираните 5.000 и третопласираните 3.000 долари. Оваа година по втор пат се доделува наградата „Млад фоторепортер“ која изнесува 3.000 долари.