Sinan Uslu
25 Март 2018•Ажурирај: 26 Март 2018
ТРАБЗОН (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека наскоро Tурските вооружени сили (TSK) ќе воспостават контрола и во сирискиот град Тел Рифат, и така ќе ја остварат целта на операцијата „Маслинова гранка“ во подрачјето на Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати пред присутните на Конгресот на турската владејачка Партија за правда и развој (АK Parti) во Трабзон и истакна дека Турските вооружени сили воспоставиле контрола над целото подрачје на Африн, и дека тоа наскоро ќе го сторат и во Тел Рифат, град кој се наоѓа источно од Африн и кој е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН). Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.
Ердоган исто така истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) треба веднаш да ја преземат контролата од терористите на ЈПГ/ПКК во Мунбич, и да ја предадат на вистинските сопственици, на жителите на тоа подрачје на западниот брег на реката Еуфрат.
„Ние со тие браќа брзо ќе ја подигнеме инфраструктурата и ќе овозможиме враќање на бегалците кои се згрижени во Турција. Меѓутоа, доколку терористичката организација не биде протерана од тоа подрачје, тогаш ние во соработка со локалното население ќе ја принудиме на тоа“, порача Ердоган.
Непосредно пред почетокот на конгресот, Ердоган во Трабзон се обрати и пред неколку илјада граѓани кои го поздравија, а и во таа пригода вети продолжување на одлучната борба против тероризмот во Турција и регионот.
Нагласувајќи дека борбата против терористите на ПКК не е ограничена само на подрачјето на Африн во Сирија, Ердоган изјави дека терористите сега побегнале во ирачкиот регион Синџар во кој турските сили исто така покренаа антитерористичка операција.
„Метата на нашите операции исклучиво се терористите. Ние не сме окупаторска земја. Таквите примери постојат на Запад, а во нашата историја тоа го нема, фала му на Бога. Тоа добро го знаат нашите пријатели во Африка, а во нашата историја постои правда и поддршка на загрозените и обесправените. Така денес сме со загрозените жители и во Африн“, изјави Ердгоган.
Потсетувајќи дека за утре е најавен самит на лидерите на Турција и ЕУ во бугарскиот град Варна, Ердоган изјави дека подготвил снимки од Африн и од Источна Гута, кои ќе им ги покаже на европските лидери на кои претходно им порача да не ѝ држат лекции на Турција.