Ekipa
17 Април 2016•Ажурирај: 17 Април 2016
КИТО (АА) - Агенцијата за управување со кризни состојби во Еквадор соопшти дека помина опасноста од појава на цунами по синоќешниот земјотрес и дека евакуираните жители може да се вратат во крајбрежните градови, јавува Anadolu Agency (AA).
Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер синоќа го погоди рибарското и туристичкото крајбрежје, 170 километри североисточно од главниот град Еквадор Кито. Во земјотресот загинаа најмалку 77 а повредени се 570 лица.
Поради опасноста од појава на цунами илјадници луѓе од крајбрежните населби се евакуирани, а според последното соопштение на надлежните институции таа опасност помина.
Над 10.000 војници и илјадници пожарникари, спасувачи и волонтери пристигнаа на подрачјето на кое земјотресот нанесе разорување од големи размери.
Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, ја прекина официјалната посета на Рим и прогласи вонредна состојба во земјата која синоќа ја погоди најсилниот земјотрес во последните скоро четири децении.