Ekipa
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
ТОКИО (АА) - Спасувачките служби во Јапонија утринава ја продолжија потрагата по исчезнатите лица откако два земјотреса со јачина од 6,5 и 7,3 степени по Рихтер, во кои загина 41 лице, го погоди југозападниот дел на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Потрагата се врши во разрушените населби на ридесто подрачје во близина на планината Асо, најголемиот активен вулкан во Јапонија.
Повредени се скоро 2.000 луѓе во регионот Кјушу. Смртните случаеви кои се потврдени вчера забележани се ширум префектурата Кумамото, а најголем дел од жртвите се нагмечени од рушењето на зградите или од падот на мебелот врз нив.
Јапонската метеоролошка агенција предупредува дека уште еден тежок потрес би можело да ја погоди префектурата Кумамото денес, и таму се распоредени спасувачки екипи од 2.000 полицајци, одбранбени сили и пожарникари кои сè уште се во потрага по осуммина исчезнати.
Властите во Кумамото проценуваат дека над 183.000 лица засолниште пронашле во училиштата, парковите па дури и во своите возила. Во страв од нови потреси не сакаат да се вратат во своите домови иако не се оштетни во претходните два земјотреси.
Поради дождот кој непрекинато паѓа од вчера, се појави и нова опасност од лизгање на земјиштето во тој предел на земјата, погоден со земјотресот. Поради тоа, стотици луѓе во редици чекаат пред продавниците да ги купат неопходните залихи на храна и вода, со цел ноќта да можат да ја поминат во засолништата.
На аеродромот во Кумамото дел од таванот на зградата попушти поради што се откажани сите заминувања и слетувања, додека градското собрание делумно пропадна. Во селото Минамиасо се случи лизгање на земјиштето кое затрупа дел од националниот автопат и уништи еден мост. Засега нема информации за евентуални оштетувања на двете нуклеарни централи во регионот Кјушу.
Во градот Кумамото се евакуирани скоро 69.000 лица а без струја останаа околу 160.000 домаќинства.
Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, изјави дека официјални лица од Министерството за одбрана разговараа со претставници на американската војска со цел во спасувачките акции да се вклучи и еден американски авион. Јапонија засега ангажираше 25.000 војници и полицајци.
Тој ја откажа планираната посета на регионот по вториот потрес и поради опасноста од понатамошни потреси.
Јапонија сè уште се опоравува од силниот земјотрес кој пред пет години го погоди источниот дел на земјата, предизвикувајќи голема нуклеарна катастрофа во Фукушима.