Hanife Sevinç
08 Октомври 2021•Ажурирај: 09 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција наредната година започнува да произведува сопствени електрични локомотиви развиени со домашни ресурси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган тоа го соопшти во обраќањето на учесниците на 12. Совет за транспорт и врски кој се одржува во комплексот на Истанбулскиот аеродром „Ататурк“. Станува збор за повеќедневен собир кој значајно придонесува за развојот на визиите во тој сектор.
Нагласувајќи дека речиси сите цели што Турција ги поставила пред 12 години на 10. Совет за транспорт и врски се веќе постигнати, Ердоган рече дека реализираните проекти покажуваат слика на успех, но и укажуваат на потребата од континуиран развој и напредок наспроти новите предизвици.
„Ова особено се однесува на предизвиците кои на глобално ниво ги наметнуваат пандемијата и климатските промени. Новонастанатата ситуација предизвика промени во сите сектори“, изјави Ердоган.
Тој предупреди дека светот може да се соочи со хаос доколку државите и општеството во целина не ја разберат реалноста на вистински начин и не размислуваат и дејствуваат заедно.
Ердоган понатаму рече дека турскиот регион никогаш не го загубил своето геополитичко значење и дека Турција е подготвена да го даде својот придонес во корист на човештвото.
„Како земја сместена на подрачје со големи историски промени, Турција има одговорност да биде предводник во процесот во иднина“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Аеродромот „Ататурк“ е еден од центрите на меѓународниот воздушен транспорт, Ердоган рече дека комплексот сега е домаќин на национални и меѓународни собири од највисок ред, вклучувајќи го и ТЕХНОФЕСТ.
„Го зголемивме бројот на аеродроми во Турција од 26 на 56, а по завршувањето на тековните градби, наскоро ќе го зголемиме на 61“, рече Ердоган, додавајќи дека новиот Аеродром „Истанбул“ е меѓу најдобрите и најфреквентните аеродроми во Европа и светот.
Тој рече дека во изминатите 19 години, Турција успеала целосно да обнови железничка мрежа во должина од 12.803 километри, која била во лоша состојба.
„Со инвестирањето во копнени патишта, го зголемивме транспортот во Турција за 170 отсто и ги намаливме несреќите за 80 отсто“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турција треба одлучно да ги искористи сите можности за раст и развој на производството и логистиката, врз основа на ефикасно користење на постојната инфраструктура и новите инвестиции во неа.
„Нашата цел во информатичката технологија е да станеме земја која ги развива, насочува и произведува тие технологии, а не да бидеме само земја што ги користи и следи“, заклучи Ердоган.