Merve Aydoğan
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во пораката по повод Денот на Европа, истакна дека Европската Унија е недовршен проект сѐ додека Турција не стане нејзина полноправна членка, јавува Anadolu Agency (AA).
Денот на Европа се одбележува на 9 мај, во знак на сеќавање на Шумановата декларација со која поранешниот шеф на француската дипломатија, во 1950 година предложи декларација за формирање на Европската заедница за јаглен и челик, која подоцна прерасна во Европска Унија.
Турскиот претседател Ердоган во пишаната порака по повод Денот на Европа порача дека ЕУ станала модел на политичка интеграција на повеќе земји.
„Во денешниот свет секојдневно расте несигурноста, а ЕУ се соочува со сериозни предизвици кога се во прашање почитувањето на глобалните вредности на човековите права, владеењето на правото, еднаквоста и правдата, вредности врз кои ЕУ и декларативно е основана“, се вели во пораката на Ердоган.
Предупредувајќи дека самата Европа претставува закана за иднината на Унијата, Ердоган наведе дека Европа се соочува со растечки проблеми на дискриминација, расизам, ксенофобија и исламофобија.
„Паралелно со економскиот, политичкиот и општествениот придонес, Турција со полноправното членство би дала најголем придонес и во решавањето на тие проблеми во Европската Унија“, порача Ердоган.
Ердоган порача дека Турција и понатаму е посветена на целта за интеграција во ЕУ.
„И покрај опструкцијата од неколку земји-членки на ЕУ, Турција и понатаму е посветена на стратешката цел за добивање полноправно членство во Европската Унија“, истакна турскиот претседател Ердоган.