СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ - Бесар Адеми
Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија (СДСМ), во интервју за Anadolu Agency (AA) истакна дека очекува во текот на овој месец Република Македонија да добие нова влада и порача дека граѓаните во мултиетничка Македонија не сакаат конфликти, туку унапредување на севкупниот квалитет на животот во земјата.
Во разговор за АА, во врска со насилните настани од 27 април во Собранието на Република Македонија, Заев рече дека се работи за немил настан којшто посакува никогаш повеќе да не се повтори во Македонија и никаде на друго место во светот, затоа што, како што рече, храмот на демократијата е парламентот. Заев рече дека пратениците се избрани од граѓаните и тие ги претставуваат граѓаните.
„Ова што се случи како насилие врз новинарите, репортерите, камерманите и врз нас, пратениците таму, навистина ја згрози целата меѓународна јавност. Дома беше навистина трауматично за секој што тоа го следел. Ние како луѓе што бевме таргет во тој дел, исто така го доживеавме трауматично. Секако, повредите беа сериозни, јас го оквалификував како осмислен обид за убиство, обид за убиство со умисла“, изјави Заев, истакнувајќи дека е среќен што и покрај насилните настани, нема загубен човечки живот, нема животно загрозувачки последици и според него, тоа испрати сериозна порака до сите граѓани, никој да не помислува да преземе такви или слични активности и чекори, какви што во четвртокот се случија во зградата на Собранието на Република Македонија, по изборот на претседател на Собранието на Република Македонија од страна на парламентарното мнозинство.
Говорејќи за насилните настани во Собранието, Заев додаде дека постојат докази во јавноста и од официјалните служби, за тоа дека пратеници ги отвориле вратите од Собранието, како и дека веќе се познати и имињата на пратениците кои тоа го направија. Според неговите зборови, таквиот чин сам по себе покажува дека насилните настани се осмислени и договорени. Освен тоа, Заев истакна дека имало и пратеници кои на учесниците во насилните настани во Собранието им давале насоки како да стасаат до собраниската просторија во која имало пратеници и новинари. Сепак, претседателот на СДСМ вели дека се работи за „немил настан што не сака никогаш да се повтори“.
Претседателот на СДСМ зборуваше за изборот на претседател на Собранието и потсети дека од самостојноста на Македонија, секогаш кога се избирал претседател постапката траела од 1-5 часа, во зависност од парламентарната структура. Заев рече дека парламентарното мнозинство оставило период од пет недели, но работите се одвивале во насока на влошување на состојбата и блокирање на Собранието, во време кога граѓаните бараат субвенции, пензии и нормално функционирање на институциите на државата, и додаде дека политичарите затоа постојат.
За пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изборот на пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, во четвртокот, од страна на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, претставува нелегален чин и прекршување на Деловникот. Во врска со ваквите тврдења, лидерот на СДСМ уверува дека изборот на Џафери е направен на легален начин и не е прекршен деловникот.
„Конкретен доказ дека сѐ е согласно Уставот, Законот за Собрание и Деловникот на Собранието е нивното присуство во парламентот. Тие го чуваа столчето на претседавачот, верувајќи дека ние ќе сакаме да го земеме тоа столче, но зошто беа внатре, затоа што знаат дека мнозинството, согласно Уставот, законот и деловникот има право да одлучува и беа тука“, истакна Заев додавајќи дека доколку изборот на претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ било неделовнички или неуставно, тие ќе ја напуштеа салата и ќе го спореа изборот. Како што рече тој, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле во Собранието и истакна дека Деловникот дозволува седницата да се води и директно од местото.
- „Изборот на Талат Џафери е најприфатливо решение“
Осврнувајќи се на изборот на пратеникот од редовите на ДУИ, Талат Џафери, за претседател на Собрането, од страна на парламентарното мнозинство, лидерот на СДСМ, Заев смета дека тој е личноста која поседува доволно професионалност и искуство, како и дека Џафери е „личност која би била добра спојка со идната опозиција“.
„Лично мислам дека Талат Џафери е најприфатливото решение и за идната опозиција. Беше министер од нивните редови, реално, има добра координација во Парламентот. Ние меѓу другото селектирајќи кандидати од сите партии, селектиравме личност која има искуство, но би била добра спојка со идната опозиција. Јас сум свесен дека како мандатор и лидер на владејачкото мнозинство, ќе ни треба соработка со опозицијата. Ние постоиме заради граѓаните и државата и мораме многу закони и многу реформи заедно да ги донесеме. Така е правилно во сите земји, така треба и во нашата земја“, смета Заев.
Тој додаде дека и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во своите говори го кажале истото, односно дека немаат проблем со етничката припадност на Талат Џафери, и дека тоа никој не може да го ограничи. Според Заев, најважно е претседателот на Собранието да има искуство и да биде демократ, бидејќи, како што рече, ако парламентот биде силен и сериозен коректив на извршната власт, поприлично ќе помогне државата да оди напред. Затоа нема ништо спорно во неговиот избор.
Лидерот на СДСМ рече и дека сите знаат како ВМРО-ДПМНЕ го бранел Џафери кога беше избран за министер, и истакна дека за него има позитивни коментари во однос на неговиот професионализам во работата. Исто така, тој изрази уверување дека Џафери со љубов кон татковината, Република Македонија, успешно ќе ја извршува својата висока функција што ја доби во Парламентот.
- „Ќе има правна држава и законот ќе важи за сите“
Во однос на минатото на нивниот партнер ДУИ, која беше дел од владејачката структура во изминатата деценија заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Заев истакна дека во разговорите за коалицирање со својот партнер договориле дека принципите на соработката се дека правдата и законот ќе важат за сите, без разлика на партиската припадност.
„Принципите што ги изградивме за собирање на потписите и за да дадеме надеж дека може да се формира коалицијата за формирање на Влада беа првите. Законот мора да важи еднакво за сите, без разлика дали е припадник на некоја партија, вклучително и партиите од мнозинството. Секој мора да сноси одговорност. Отворени се истраги за многу луѓе во Македонија, по соопштувањето на таканаречените политички бомби“, изјави Заев.
- „Порака за зацврстување на мултиетичкото единство во Македонија“
Присетувајќи се на насилните настани во Собранието на Република Македонија од четвртокот, кога дел од граѓаните што протестираа во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, влегоа насилно во просториите на Собранието и нападнаа пратеници и претставници на медиумите, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека бил сведок оти меѓу нападнатите пратеници биле и пратениците од ДУИ, меѓу кои и новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери.
Во тој контекст, Заев рече дека насилните настани во Собранието само ја зацврстиле коалицијата заради солидарноста што таму беше присутна од припадниците на сите етнички заедници кои го сочинуваат мнозинството на парламентот.
„Испративме порака за зацврстување на мултиетничкото единство во Република Македонија. Граѓаните видоа човечка солидарност, хуманост, меѓусебно помагање, рамо до рамо“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој рече дека во таквите околности не е важна националноста. Помеѓу оние што тепале и ги напаѓале во Собранието, веројатно имало и припадници од разни националности. „Или сме луѓе, или не сме луѓе. Ние испративме човечка димензија, другарство, пријателство и солидарност помеѓу сите нас“, порача Заев.
Заев истакна дека движењето БЕСА иако не гласаше при изборот на Џафери за претседал на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, го поддржува СДСМ како дел од парламентарното мнозинство, како и дека е можно овој политички субјект да биде дел од Владата. Тој рече дека Движењето БЕСА ги знаеше протоколите и процедурите кои согласно Деловникот ќе бидат спроведени од страна на пратениците на СДСМ.
- „Пеењето на химната на Албанија во Собранието на Македонија е непромислен чин"
Напуштањето на Собранието од страна на пратениците од Движењето БЕСА за претседателот на СДСМ е нормално, затоа што како што рече, тие не гласале за Талат Џафери, а оние пратеници кои гласале отишле во прес-центарот на Собранието, каде што се случија насилните настани.
Меѓу другото, Заев го осуди пеењето на химната на Албанија во Собранието на Република Македонија и истакна дека тоа не требало да се случи.
„Пеењето на химната на Албанија во Собранието на Република Македонија го сметам за непромислен чин и го осудувам. Тоа не треба така да се случи. Химните на други земји може да се пеат кога се официјални претставници присутни, претседатели, премиери, претседатели на Собрание и слично. Ова вака е недозволиво. Ние сме Република Македонија. Да, мултиетничка, но сме Република Македонија. Тоа го критикувам и го осудувам. Грешка е направена“, смета Заев.
Тој додаде дека со сите политички партии треба да се прават напори и да се бараат причини за соработка, а не за кавги.
- „Уставот овозможува унапредување на правата за употреба на јазикот"
Осврнувајќи се на барањата на албанските политички партии во Македонија, Заев вели дека не гледа ништо спорно во нивните барања за унапредување на правата што се однесуваат на употребата на јазикот. Тој смета дека тоа се права кои ги овозможува Уставот на Република Македонија.
„Граѓаните си ги бараат своите етнички права, како што е употребата на јазикот. Кога зборувавме за унапредување на употребата на јазикот, тоа го зборувавме за граѓаните Албанци каде што се над 20 отсто, но зборувавме и за граѓаните Роми во Шуто Оризари, за граѓаните Турци кои се во Гостивар и во многу други места во Македонија, затоа што нашиот Устав тоа го овозможува. Јазикот е за да се разбереме“, изјавува Заев, наведувајќи дека јазикот не треба да биде пречка меѓу граѓаните во едно мултиетничко општество како што е македонското.
- Поврзаност меѓу македонско и српско сценарио
Премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој неодамна убедливо победи во првиот круг од претседателските избори во Србија, во своите настапи на митинзите во предизорната кампања порачуваше дека „нема да дозволи македонско сценарио во Србија“. Лидерот на СДСМ, во врска со изјавата на Вучиќ за македонско сценарио во Србија вели:
„Недвосмислено, господинот Вучиќ победи на изборите и тој е претседател на Република Србија. Кај нас власта не успеа да формира мнозинство и поминува во опозицијата. Ако македонското сценарио е вакво, каде што се случува промена на власта, не знам како тоа би можело да биде српско сценарио, освен дека човекот насетува дека кога-тогаш ќе заврши власта, и да не насетува, знае дека еден ден завршува власта. И тогаш нормално е да дојде опозицијата да биде власт, а тие да станат опозиција, ако мисли на такво сценарио".
Според претседателот на СДСМ, Заев, не треба да постои страв од меѓуетнички конфликти во Република Македонија. Тој истакнува дека земјата е мултиетнички зајакната, граѓаните без разлика на етничката припадност се обединети и тоа го покажале низ неколку примери.
„Македонија е мултиетнички зајакната, етничките заедници во Македонија се обединети, тоа го видовме и во Куманово, во Бутел, на изборите. Јас сум среќен што водам мултиетничка партија. Тоа ми дава обврска да водам рамноправно грижа за сите. Иднината ќе биде добра ако сме сплотени сите заедно. Ова е наша татковина, без разлика на нашето етничко потекло. Мораме на граѓаните да им овозможиме подеднакво да ја сакаат Македонија“, порача Заев, додавајќи дека грѓаните во Македонија посакуваат подобар живот, независни јавни институции и независни медиуми.
- „Не видов зла намера врз Македонија“
Во однос на ставовите на претседателот на Албанија, Еди Рама, кој меѓу другото има кажано дека во Уставот на Албанија стои дека земјата треба да се грижи за сите Албанци, без оглед на тоа каде живеат во светот, Заев вели дека во тоа не гледа никаква зла намера и истакна дека Албанија е соседна земја на Република Македонија.
„Тоа е устав на наша соседна земја и веројатно тоа е така со причина и нивно право. Ние немаме проблем, кога некој дополнително се грижи за нашите граѓани, во конкретниот случај, наши граѓани коишто се со албанско етничко потекло. Јас не видов зла намера врз Македонија. Албанија е наша соседна земја. Можеби беше грешка што се отиде таму, можеби партиите требаше првин тука да се состанат, да го објават тоа и потоа да одат на еден ручек, едно кафе или што било“, рече Заев говорејќи за изјавите на Еди Рама и за таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии.
Исто така, Заев изрази увереност дека заедничката декларација на албанските политички партии е направена во Скопје, наведувајќи дека се работи за стартни позиции во преговорите, како и дека тоа е нешто што го прават сите политички партии при преговори.
Изразувајќи увереност дека барањата на албанските политички партии во Македонија не се косат со Уставот, не го нарушуваат унитарниот каратер на Република Македонија и не задираат во нејзиниот суверенитет, Заев напоменува и дека одлуките за прашања од таков карактер не ги носат партиски поединци туку институциите. Како што рече, во прв ред Парламентот, и доколку нешто е во спротивност со Уставот, Уставниот суд може да го укине или претседателот на државата може да одлучи да стави вето.
Според Заев, политичарите имаат обврска да го унапредат севкупниот квалитет на граѓаните и треба да направат сѐ за да одговорат на нивните практични потреби.
Запрашан за изјавата на премиерот на Албанија, Рама, кој рече дека доколку ЕУ не го прими Балканот, можно е обединување на Албанија и Косово, лидерот на СДСМ смета дека се работи за изјава во период на избори и дека просторот на Балканот е мултиетнички, чии граѓани имаат за цел да се обединат во Европската Унија.
„Живееме во 21. век. Граѓаните се еманципирани. Национализмите се трета-четврта потреба на граѓаните, национализмите немаат иднина. Глобалниот свет се движи напред. Изјавата на господин Рама, кој го почитувам, тој е левичар како нас, веројатно е изјава во избори. Верувам дека Косово и Албанија, сите наши земји овде на Балканот очекуваат да се отворат границите во заедничка Европа“, рече Заев и додаде дека мнозинството граѓани на овие простори на Балканот веруваат во тоа, додавајќи дека сѐ уште има поединци, радикални, националисти и слично, од сите етникуми, но дека тоа мора да заврши, а ќе заврши со полноправно членство на сите овие земји во Европската Унија.
Според Заев, политичарите треба да бараат причини што граѓаните ќе ги направат поблиски и ќе се унапредува соработката и пријателството помеѓу државите .
- „Геополитичките движења не зависат од Македонија“
Осврнувајќи се на влијанието на меѓународните сили врз Балканот и Македонија, лидерот на СДСМ, Заев вели дека Република Македонија е мала земја, треба да гради пријателство со сите, но дека нејзиното место е во ЕУ и во НАТО.
„Сакаме да градиме пријателство и со Руската Федерација и со земјите од Истокот. Ние сме мала земја, од нас не зависат геополитичките движења, сакаме пријателство. Нашето место е во НАТО и во Европската Унија, друга алтернативна на тоа нема“, вели Заев.
За улогата на претставниците на меѓународната заедница, пред сѐ на САД и ЕУ во решавањето на политичката и институционалната криза, Заев вели дека лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија ги повикале меѓународните претставници да менаџираат со процесот на преговорите, но дека одлуките ги носеле македонските политички лидери.
- „Новата Влада ќе продолжи со одличната соработка со Турција“
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, оценува дека Република Македонија има многу пријатели, но дека Република Турција е еден од нејзините најголеми пријатели.
„Македонија има многу пријатели. Турција е еден од најголемите пријатели на Македонија. Први нѐ признаа, нашиот народ е солидарен, си помагал во минатото насекаде и новата Влада ќе продолжи со одличната соработка со Република Турција, во духот на меѓусебното помагање, во духот на пријателството. Буквално, Турција беше наш асистент за НАТО, ние тоа не можеме да го заборавиме. Огромен број граѓани Турци живеат во Македонија. Турција и финансиски помага во 'мал милион' проекти во Македонија“, истакна Заев.
Во однос на насилните настани во Собранието на Македонија, Заев рече дека пријателска Турција заслужува да ги знае сите детали околу тоа што се случува, заради тоа што и официјалните служби од Турција и официјалните лица изразиле загриженост и поддршка на Македонија, за, како што истакна, земјата да ја надмине оваа криза и демократските процеси да се придвижат понатаму.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на почетокот на месец март упати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до двата стратешки партнера, претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во кое ја објасни актуелната состојба во земјата.
За лидерот на СДСМ, ваквиот чекор на претседателот Иванов е поради тоа што земјите до кои е упатено писмото се големи пријатели на Македонија. „Секогаш гледам на позитивната страна на сѐ што се прави. Поради тоа што се големи пријатели на Македонија. Тоа го гледам како пријателски осврт за да се влучат со свои искуства, со сѐ што имаат, како непристрасна страна. Тие се пријатели на Македонија и можат да бидат непристрасни“, смета Заев.
- Преку референдум, до решавање на прашањето со името
Република Македонија со Република Грција го има повеќедеценискиот проблем со името, кој претставува една од најголемите пречки за евроатланските интеграции на Македонија.
Заев смета дека решение за овој проблем треба да има со консензус на политичките чинители во Македонија и на крајот, конечната одлука да ја донесат на референдум сите граѓани кои живеат во земјата.
„Нашиот став за ова прашање е дека разговори треба да има со Грција, а одлуките да се носат во консензус со опозицијата заедно, и на крајот ќе бидат конечни кога на референдум ќе се изјаснат граѓаните. Но сето тоа не за да се блокира процесот, туку за да се изнајде решение на проблемот. Грција може уште 200 години да живее со овој нерешен проблем, за нас е пречка кон НАТО и ЕУ“, вели Заев, додавајќи дека притоа треба да се изнајде решение со кое граѓаните на Република Македонија не смеат да бидат обезличени, без свој идентитет и без своја национална посебност.
- „Не постои опасност од меѓуетнички судири"
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја отфрла можноста од меѓуетнички судири во Македонија, истакнувајќи дека конфликтот во Собранието беше партиски, а не меѓуетнички.
„Мене ми е драго што се изгубија какви било надежи за меѓуетнички конфликти или слично. Албанските партии испратија свои соопштенија, повици, сите да бидеме спокојни, да бидеме мирни, трпеливи и приземни, да не приземаме дејствија. Народот е мирен, никој не сака судири, конфликти, и тоа ќе заврши. Ова што се случи како конфликт беше повеќе партиски, не беше етнички, заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ насрна кон другите партии коишто беа со своите претставници таму, вклучително таму беа присутни медиумите и новинарите“, истакна Заев.
Тој вели дека во наредниот период очекува унапредување на меѓуетничката соработка во Македонија, и таа соработка ќе биде од голема полза за севкупниот развој и раст на македонската економија и, генерално, општеството и земјата.
Заев најави дека во текот на овој месец, Република Македонија ќе добие нова реформска влада.
„Јас очекувам во месец мај Македонија да има нова влада. Зборувам и за роковите, кога би требало да преговараме, да ги доставиме до Парламентот. Во Парламентот да се дискутира три дена согласно деловникот и да се избере Владата. Постојат реални околности во месец мај Македонија да има нова реформска влада“, рече Заев.
„Да дозволиме демократските процеси да добијат шанса и да се придвижат работите со оформување на државните институции коишто мораат да бидат сервис и слуга на граѓаните. Да испратиме пораки на пријателство и да си подаваме рака. Нашите вери во мултиетничко и мултирелигиско општество во кое живееме велат да простуваме“, порача Заев во интервјуто за Anadоlu Agency (AA).
news_share_descriptionsubscription_contact
