Husamedin Gina
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обратија на првиот Национален форум за здравство „За поздрав живот: Патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита“, одржан во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека здравјето и благосостојбата на граѓаните за Владата се едни од врвните приоритети затоа што здрави граѓани значат и посреќни граѓани.
„Во фокусот на Владата е токму да обезбеди и да гарантира дека примарната здравствена заштита (ПЗЗ) ќе биде носечки столб на целиот здравствен систем. Но во истовреме примарната здравствена заштита го преставува и целокупниот пристап на општеството кон здравјето на луѓето”, рече премиерот, зборувајќи за примарната здравствена заштита која е препознаена како клучна компонента на ефикасните здравствени системи.
Тој, исто така, посочи дека за создавање висококвалитетна здравствена заштита и безбедна примарна здравствена заштита неопходни се мултисекторски политики и активности што ќе се создаваат и реализираат заедно со заедницата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешниот Форум, осврнувајќи се на визијата на Министерството на патот за подобро здравство, рече дека примарната здравствена заштита е основата на која се темели здравството.
„Примарната здравствена заштита е клучна и повеќе од потребна интервенција за подобрување на квалитетот, континуитетот и севкупното спроведување на здравствените услуги. Верувам дека покрај подобрување на повисоките нивоа на заштита во здравствениот систем примарната здравствена заштита останува главен темел за унапредување на здравството“, истакна Филипче, додавајќи дека континуирано работат за изнаоѓање можности кои ќе придонесат за подобро здравје на граѓаните.
На Форумот воведно обраќање имаше и Ханс Клуге, директор на Одделот за здравствени системи и јавно здравје во рамки на Светската здравствена организација.
Тој, нагласувајќи дека минатата година сите земји во светот постигнале согласност за зајакнување на примарната здравствена заштита, рече дека нашата земја е првата земја во светот којашто ја операционализираше таа цел.
Ханс Клуге, исто така, истакна дека политичката волја е многу значајна за зајакнување на примарната здравствена заштита, која е најблиска до луѓето и до заедницата.