Abdula Berisha
25 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на редовната видео-конференција денеска беше придружуван од Фабио Скано, советник на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, при што беа споделени проценки за тековната состојба со новиот коронавирус (Ковид-19) во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче рече дека во последните денови, за време на посетата на Скано, тие ги посетиле јавните здравствени установи и лаборатории каде што се вршат тестирања за Ковид-19, при што се размениле искуства за справување со пандемијата.
Тој исто така рече дека локалната канцеларија на СЗО во Скопје е во постојан контакт со институциите на земјата, при што се заблагодари за нивниот придонес.
„Во моментов, нашата земја е соочена со бран на вирусот посилен од првиот како последица на олеснување на рестрикциите, но повеќе како последица на серија настани, семејни собири, прослави, на коишто практично не се почитуваа препорачаните мерки“, рече Филипче.
Министерот повика на поголема поддршка од граѓаните и целосно почитување на мерките, додавајќи дека така многу брзо ќе се надмине ситуацијата.
Регионалниот советник на СЗО, Фабио Скано, му се заблагодари на Министерството за здравство за поддршката преку обезбедување целосен пристап до информации.
„Појавата на нови случаи во Северна Македонија е загрижувачка. Лекцијата е дека сè додека немаме функционална вакцина, не можеме да го спуштиме нашето ниво на заштита. Акциите преземени во наредните денови, недели и месеци, ќе бидат клучни во спречувањето на инфекциите и спасувањето животи“, рече Скано.
Тој додаде дека она што во моментот може да се забележи во светот е дека вирусот не исчезнува, туку се шири брзо и убива.
Скано рече дека во Скопје пристигнал во понеделникот, при што остварил бројни состаноци, меѓу кои и со претседателот Стево Пендаровски и верските лидери во земјата, и ги посетил најпогодените општини.
Тој ги поздрави мерките преземени од локалните институции, посветеноста на медицинскиот персонал и додаде дека е импресиониран од грижата за старите лица во старечките домови, што според него овозможило избегнување на многу смртни случаи што се регистрирани во други земји.
Скано рече дека може да се управува со сегашната состојба со зголемувањето на бројот на заразени, повикувајќи на поголема соработка меѓу граѓаните и институциите.
Потсетуваме дека според последните податоци на Министерството за здравство, вкупниот број на регистрирани случаи со Ковид-19 во земјава достигна 5.595, бројот на оздравени, на 2.166 и бројот на жртви, на 265.