Besar Ademi
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Државниот завод за статистика на Република Македонија во соработка со италијанскиот Национален институт за статистика и Државниот завод за статистика на Словенија, од денеска почнува со спроведувње на твининг-проектот финансиран од Европската Унија (ЕУ), кој ќе трае 19 месеци, со цел градење на капацитетите за обезбедување сеопфатни и споредливи статистички податоци во согласност со меѓународните стандарди, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на оперативниот сектор на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини изјави дека спроведувањето на проектот се планира да заврши во мај 2018 година и дека се предвидени околу 740 илјади евра преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ.
„Овој проект се базира на важната улога на официјалните статистички податоци во процесот на пристапување во Европската Унија. Целта на проектот е да се зголеми капацитетот на националните институции во подготовка на статистички и споредливи независни податоци во согласност со меѓународните стандарди“, рече Бертолини.
Во меѓувреме, извршниот директор на Државниот завод за статистика на Македонија, Лидија Костовска истакна дека напредокот во оваа област преку твининг-проектот е една од најважните области, како и предуслов во процесот на европската интеграција на Македонија.
„Со реализацијата на овој проект којшто придонесува во имплементацијата на националната програма на европското законодавство, ние ќе бидеме чекор подалеку во процесот на усогласување на европското законодавство", истакна Костовска.
На презентацијата на почетокот од спроведувањето на твининг-проектот присуствуваше и амбасадорот на Италија во Скопје, Карло Ромео, и заменик-амбасадорот на Словенија во Скопје, Мира Лесјак, кои истакнаа дека градењето на капацитетите на Државниот завод за статистика во согласност со меѓународните стандарди игра важна улога во зајакнувањето и промовирањето на соработката меѓу трите земји вклучени во овој проект.
Од проектот „Поддршка на Државниот завод за статистика за градење на капацитетите и унапредување на усогласеноста со стандардите на ЕУ“ се очекува да се зголеми дистрибуцијата на квалитетни статистички информации и подобрување на процесот на донесување одлуки од страна на владините институции, компаниите и граѓаните.